Во две одделни акции синоќа полицијата од албанскиот приморски град Валона заплени 900 килограми марихуана, разбивајќи база за преработка и пакување на ова наркотично средство, јави дописникот на МИА од Тирана.
Во акцијата насловена „Калаја“ (Кула) уапсен е Фестим Садединај (50), кај кого при претрес во куќата откриени се 300 килограми марихуана, пакувана и ставена во спортски торби за транспорт.
Од досегашната истрага за неговото криминално дејствување,потврдено е дека уапсениот одгледуваната марихуана ја продавал на организирани групи. Кај него запленети се и три возила, две комбиња и еден камион со помала носивост, со кои ја транспортирал дрогата, како и електронска вага, соопшти полицијата.
Во втората акција, насловена „Скела1“ запленети се 600 килограми марихуна и упасени се Диего Хаџирај и Ајет Чепај, додека по три други лица се трага.
Дрогата, која била откриена во камион ладилник на паркин плац во Валона, била подготвена за транспорт во правец на Италија.
Од почетокот на годинава само полицијата од Валона во десет акции заплени околу четири тони марихуана произведена на земјоделски парцели во Албанија.