Арбитражниот суд во спорот со „Скај Петролиум“ во кој оваа компанија бараше обештетување од милијарда долари, пресуди во полза на Албанија, јави дописникот на МИА од Тирана.
Во 2010 година американската компанија „Скај Петролиум“ потпишала договор со албанското Министертво за економија, трговија и енергетика, кога негов прв човек беше Дритан Прифти, добивајќи екслузивно право за ископ на нафта во подрачјето на Думрес.
Но, следната, 2011 година, Агенцијата за природни извори на Албанија, овој договор го поништи поради неипсолнување на услови. Компанијата побара обештетување од милијарда долари, поради едностраното раскинување на договорот, кое негативно влиаело врз вредноста на нејзините акции на меѓународната берза.
Но, Арбитражниот суд го отфрлил барањето на американската компанија и и дало за право на Албанија да добие 382 илјади долари за судски трошоци.