Соседна Литванија го прекрши меѓународното право кога ја призна белоруската опозициска политичарка Светлана Тихановскаја за лидер на Белорусија на 10 септември, се наведува во ставот на Горниот дом на белорускиот Парламент.
Светлана Тихановскаја побара азил во Литванија по спорните претседателски избори на почетокот на август.
Во документот се истакнува дека одлуката на Литванија е „вон здравиот разум“ и се обвинува Вилнус за мешање во внатрешните работи на Белорусија.
Во меѓувреме, белоруското Министерство за одбрана предупреди дека не исклучува силен одговор на воени закани. Секоја закана ќе биде решена во рамките на Организацијата на договорот за колективна безбедност. Министерството додава и дека неколку соседни земји се обидуваат да ги нарушат односите меѓу Минск и Москва.
На 9 август Лукашенко го освои шестиот мандат. Спорните избори предизвикаа најголеми антивладини демонстрации во 26-годишното владеење на Лукашенко.