Советот за човекови права на Обединетите нации го усвои предлогот на Европската унија да се одржи итна дебата за состојбата со човековите права во Белорусија, во која се одржуваат масовни протести од спорните претседателски избори на 9 август, со чести обвинувања дека полицијата врши репресија над демонстрантите.
– Во извештаите и натаму се укажува на непотребна или прекумерна употреба на сила од страна на претставници за спроведување на законот, изјави високиот комесар на ОН за човекови права Мишел Башеле, истакнувајќи дека има малку докази дека белоруските власти на кој било начин се осврнуваат на проблемот со ваквите прекршувања.
Претседателката на Советот, Елизабет Тиши-Фишлбергер рече дека 25 земји-членки на Советот гласаа за предлогот, додека две беа против, а 20 беа воздржани, со што ја усвоија иницијативата.
Тврдејќи дека станува збор за кршење на меѓународното право, Белорусија, која не е членка на Советот, енергично се спротивстави на предлогот на ЕУ, што го претстави Германија.
Дебатата е закажана за петок.