Турската телевизија НТВ денеска јави дека за 29 мај бил планиран атентат врз цариградскиот и вселенски патријарх Вартоломеј Први. Турската полиција уапсила еден маж, а по двајца негови помагачи се трага, пренесе Верската информативна агенција (ВИА).
Турските власти ги зајакнаа мерките за безбедност околу Вселенската патријаршија во Истанбул.
Датумот 29 мај, како што истакнува ВИА, е симболичен, бидејќи на тој ден пред 560 години византиски Цариград е освоен од Турците, во 1453 година.
Цариградскиот патријарх се наоѓа под посебна заштита. Досега се осуетени неколку планирани атентати врз него. Вартоломеј Архондонис за вселенски патријарх е избран во 1991 година.