Министерот за правда Бојан Маричиќ денеска имаше средба со претседателот на Здружението на судии, Џемаил Саити, кој воедно е и судија во Врховниот суд.
Како што соопшти Министерството за правда на средбата со претседателот на Здружението на судии, министерот Маричиќ дискутирал за заштитата на судската независност, зголемувањето на одговорноста, ефикасноста и транспарентноста на судиите и судовите.
Маричиќ потенцирал дека довербата на јавноста и угледот на судството може да го подобри најмногу самата судска власт, но дека процесите за поврат на угледот ќе ги иницира Министерството за правда.
Министерот истакнал дека очекува од Здружението на судии да биде партнер во спроведувањето на реформите и активно да се вклучи со препораки и стручни совети во процесот на прочистување на правосудството.
На средбата, министерот Маричиќ посочил дека ќе биде поддршка на правосудните органи во процесот на кадровско зајакнување со стручни соработници и создавањето услови за поефикасна борба против корупцијата и организираниот криминал.