Како софтверот стана оружје?

Од:

Ал Џезира Балканс

Љубителите на филмовите за најпознатиот таен агент – Џејмс Бонд знаат дека 007 секогаш има голем број апарати и уреди кои можат да отворат која било врата, да пристапат до податоци и сами да поразат „куп“ непријатели.

Во реалноста, новите агенти 007 се анонимни, работат од владини агенции, па дури и (официјално) приватни компании – а нивното главно оружје се Интернетот и разни софтвери.

На почетокот од 70-тите години од минатиот век, со забрзаниот развој на компјутерите и нивната поголема употреба во државните и воените институции, скоро веднаш се појави потреба од експерти, цивилни и воени, кои би добивале податоци од компјутерите на непријателот.

Како да се дознае сè

Дефиницијата за хакер е сосема јасна – станува збор за експерт за компјутери и компјутерски мрежи, кој го користи своето знаење за решавање проблем или совладување на заштитата на системот, сè со цел пристап до податоци. Така, денес терминот хакер се користи и за вешти програмери, експерти за компјутерска безбедност, но исто така и за разни државни, воени и разузнавачки експерти кои најголемиот дел од своите активности ги извршуваат преку компјутери, компјутерски системи и Интернет.

Денес постојат цели хакерски единици, команди, па дури и цели служби – на пример, американската НСА (Национална агенција за безбедност) речиси целата своја работа ја завршува во киберсветот.

Исто така, од самиот почеток на компјутерите, компаниите што произведуваа хардвер и софтвер секогаш делумно (а некои претежно) работеа за држави, произведувајќи специфични компјутери и програми. Со оглед на тоа што договорите со државата отсекогаш биле исклучително профитабилни, големите софтверски компании секогаш ставале акцент на развојот на таков софтвер.

Една таква компанија е Палантир технолоџис. Името на компанијата е изведено од познатиот роман и филм „Господар на прстените“ и значи камења што даваат можност да се види сè, и тоа на далечина.

Уште поинтересни се главните производи на Палантир – софтвер наречен Готам, Метрополис и Леарница (Foundry) – јасно е дека вработените во оваа компанија се големи љубители на стриповите. Готам е софтвер кој масовно се користи во американската разузнавачка мрежа, како и во Министерството за одбрана на САД, и служи за комбинирање разни податоци добиени од разузнавачките агенции и војската, и да ги направи лесно разбирливи за луѓето кои имаат овластување за пристап и анализа. Палантир Метрополис и Леарница се користат во голем број финансиски институции и банки, како и компании.

Надзор на паметни телефони

Душан Савиќ, ИТ-експерт, вели дека ваквите компании и софтверски алатки не се реткост на Западот.

– Пред неколку години, вработените во Гугл се заканија дека ќе штрајкуваат ако не запре проектот наречен Мавен. Мавен беше тајна дури и за оние на високи позиции во овој ИТ-гигант, а стануваше збор за развој на вештачка интелигенција за американските воени дронови, кои на тој начин би имале целосна независност од командите на земја. Кога се дозна за овој проект, Министерството за одбрана на САД го раскина договорот, објаснува Савиќ.

– Исто така, минатата година, неколку компании, како што се Мајкрософт и Амазон, беа во трка за проект вреден дури десет милијарди долари, наречен ЈЕДИ, што ќе ги обедини сите податоци на американските агенции, армијата и Владата на едно место. Нема потреба да се објаснува важноста на еден ваков проект и вредноста на тие податоци, што е практично немерливо, додаде Савиќ.

Дека ваквите договори и софтвер не се специјалност само на американските ИТ-гиганти, покажува и приказната од Израел.

НСО Груп (NSO Group) е контроверзна израелска компанија, со седиште во градот Херзлија. Најпозната е по својот софтвер наречен Пегаз (Pegasus), кој (наводно) може да овозможи надзор на секој паметен телефон во светот.

НСО вели дека го продава својот софтвер само на држави и владини агенции и дека со негова помош досега се спречени стотици терористички напади низ светот. Сепак, голем број ИТ-експерти и активисти за човекови права сметаат дека софтверот Пегаз го користела Саудиска Арабија за да го следи новинарот и дисидент Џамал Кашоги, кој беше убиен во Конзулатот во Истанбул.

Немања Тасиќ, експерт за Интернет, смета дека е неизбежно милиони паметни телефони да се следат секој ден низ светот.

„Разиграни мечки“

– Буквално секој денес има некаков паметен телефон или компјутер. Бидејќи милијарди луѓе користат паметни телефони, социјални мрежи и интернет секој ден, неизбежно е дека владините агенции, како и разни армии низ светот ќе го користат овој „автопат на информации“ за шпионажа, кражба на податоци и сè повеќе следење на движењата на луѓето. Не е тајна дека скоро сите големи компании – Гугл, Фејсбук, Инстаграм – заработуваат стотици милијарди долари со продажба на информации за нивните корисници на разни маркетинг-агенции, сето тоа со цел за рекламирање и продажба на разни производи, вели Тасиќ.

Ниту втората светска суперсила – Русија не ја набљудува оваа кибервојна со скрстени раце.

„Fancy Bear“ (Разиграна мечка) е името што компјутерските експерти ѝ го дадоа на најголемата руска хакерска група. Официјално, оваа група е со кодно име „АПТ 28“ и е поврзана со воената разузнавачка агенција ГРУ.

Американските служби Fancy Bear ги нарекуваат Единицата 26165 и Единицата 74455. Без оглед на името на оваа група, таа постои од 2000 година и е специјализирана за напади врз компјутери и мрежи на владини агенции, финансиски институции и медиуми во земјите на НАТО.

Најпознатите активности на оваа група се кибернападот врз германскиот Бундестаг, француската ТВ-компанија ТВ 5 Монд, а главна осомничена е и за нападот на Демократската партија на САД за време на претседателската кампања во 2016 година, како и претседателската кампања на францускиот претседател Емануел Макрон.

Замислете да го изгубите вашиот паметен телефон – колку лични и приватни податоци имаме во него, колку важни броеви, слики и снимки.

И сега замислете колку уште поважни податоци има на паметните телефони и компјутерите на државните службеници, политичарите, новинарите, како и различните воени единици и владини агенции. Затоа денес се вели дека во 21 век, податоците се поважни и повредни и од нафтата и од златото.

Би можело да ве интересира

Хакери влегуваат во сметките на граѓаните, над 5.000 измамнички трансакции за една година во Македонија

Агенти на тајната единица 29155 вршат сајбер напади во земји членки на НАТО и ЕУ

Загреб: Хакерите ги оставија пациентите без зрачење, а сега се уште бараат откуп за украдените податоци

Горан Наумовски

Руски хакери нападнаа хрватски институции: „Одамна не сме ја посетиле Хрватска“

Предраг Петровиќ

КБЦ Загреб: Не нападнаа хакери, моравме се да исклучиме

Горан Наумовски

Хакери се одмаздиле за смртта на Навални

Горан Наумовски