Од 1 јануари 2014 година трговците ќе треба електронски да се поврзат со Управата за јавни приходи преку надградба на фискалните апарати и инсталирање т.н. интегриран автоматски систем за управување. Целта е секојдневно да поднесуваат финансиски извештај за работата што ќе овозможи постојано следење на нивниот готовински промет.
Ова го предвидуваат измените на Законот за регистрирање на готовински плаќања што денеска беа поддржани од собраниската Комисија за финансирање и буџет.
Согласно измените, на фискалните сметки повторно ќе се воведува логото „Купувајте македонски проивзоди за наше добро – Made in Macedonia“.
– Постојаната електронска комуникација на даночните обврзници со УЈП ќе ја подобри фискалната дисциплина што е стратегиска определба на Министерството за финансии, додека воведувањето на „македонското сонце“ на сметките се очекува да ги стимулира призводството и потрошувачката на домашните производи, рече ресорниот заменик министер Ардијан Џеладини.
Како што објасни, секоја фискална апаратура ќе се поврзува со GPRS терминалот и криптомодулот.
Инсталирањето на интегрираниот автоматски систем за управување ќе трае до 31 март 2014 за даночните обврзници чиј промет претходната година надминал 10 милиони денари (угостителски објекти и трговци кои вршат промет со нафтени деривати на мало – бензински пумпи), и до 30 јуни за останатите даночни обврзници.
Опозицијата се спротивстави на понудените решенија со образложение дека во услови на криза, наместо да се олесни работата на стопанството, се воведува ново финансиско оптоварување.
– Измените отвораат многу прашања и дилеми. Зошто баш сега, во услови на криза, трговците да купуваат GPRS терминал и да го менуваат софтверот за фискалните сметки, колкави ќе бидат трошоците и кој ќе ги покрие, праша претседателот на Комисијата Марјанчо Николов според чии проценки бизнисите за оваа намена ќе треба да одвојат по минимум 200 евра.
Тој побара од предлагачот на измените да каже дали проектот со логото на фискалните сметки даде какви било резултати во периодот 2008-2009 година кога првпат се примени, дали потрошувачката на домашни производи беше зголемена и има ли логика повотрно да се воведува кога Уставниот суд тогаш го оспори поради нарушување на пазарот и фаворизирање одредени производи.
Забелешка имаше и пратеникот Самка Ибраимовски кој смета дека потрошувачката на македонски производи може да се стимулира поинаку, со контролирање на увозот зависно од количиниата на домашното производство.
На тоа реплицираше Ромео Тренов од ВМРО-ДПМНЕ кој нагласи дека целта на законските измени е да се намали сивата економија. Тој е убеден дека односите на пазарот нема да се нарушат. – Ваква мерка воведе и Германија за заштита на сопственото производи, а таквите примери, особено од развиените економии, треба да ги следиме, рече Тренов.
Одговорајќи на прашањата и забелешките, заменик министерот потенцира дека трговците ќе имаат одредени финансиски олеснувања за надградувањето на фискалните апарати.
– Не можеме да забраниме купување на странски производи. Напротив, треба да го стимулираме домашното производство и да ја поттикнеме продажбата на македонските производи. За сите стопанственици ќе има олеснувања. Нема некоја дилема дали ќе ги чини повеќе или помалку воведувањето на законските измени, истакна Џеладини, додавајќи дека ефектот од примената на „патриотските фискални сметки“ не можел да се увиди зашто периодот на нивната примена од неколку месеци во 2008-ма бил многу краток.
Комисијата претходно, без расправа, ги поддржа и измените на Законот за данокот на добивка.