Еврокомесарот за проширување Штефан Филе смета дека Европската унија е еден од најуспешните мировни проекти во европската историја, јави дописникот на МИА од Прага.
– Тоа е она што можеме да им го понудиме на земјите кои сакаат да станат членки на Унијата, вели Филе, во интервјуто за Радио Слободна Европа осврнувајќи се на она што земјите во регионот треба да го сработат на патот до Европа.
– Ние имаме проблеми и се занимаваме со нив, но ние сме далеку од расформирање на оваа Унија. Всушност ние одиме токму во спротивна насока. И мислам дека ние можеме да им го понудиме она што им го нудевме и во сите овие години: еден од најуспешните и најмирољубиви проекти во европската историја, вели еврокомесарот во врска со тоа што Брисел може да им понуди на земјите кандидати за членки на Европската унија со оглед на нејзините сегашни финансиски и политички проблеми.
Филе додава дека Европската унија нуди поврзување низ заедничка правна рамка со што, како што вели, се елиминира создавање сојузи меѓу државите и народите во одредени региони.
Според него, Европската унија поставува демократски вредности и принципи како најцврста основа за развој на целиот континент и притоа настојува да не исклучи ниту една земја која исто така им е посветена на тие вредности и принципи.
Еврокомесарот Филе за улогата на Брисел во спроведувањето на спогодбата за нормализирање на односите меѓу Србија и Косово изјави:
– Сега нашата улога е да им помогнеме на страните да договорат план за имплементација, еден вид скица за тоа како да го спроведат во дело договорот од 19 април. Тој план е екстремно важен и за Белград и за Приштина.
Штефан Филе посебни критики упати кон политичарите во Босна и Херцеговина кои, како што вели, се уште не можат да излезат од времето на Дејтон.
– Босна и Херцеговина, политичарите таму, неопходно е да излезат од нивните тесни политички интереси и да сфатат дека мора да го напуштат времето на Дејтон и да застанат на патот на европското проширување.
Филе прецизира дека БИХ се наоѓа во критична фаза и оти тамошните политичари треба да ги напуштат „тесните политички интереси“ и да го отворат патот за спроведување на уставните реформи и прашањата за ефективно функционирање на Федерацијата.