Општинскиот одбор на Сојузот на здружението на борците од Гевгелија денеска со положување свежо цвеќе пред Спомен-костурницата на паднатите борци во НОБ од Гевгелија и Гевгелиско, ја одбележа 68-годишнината од капитулацијата на фашистичка Германија, 9 мај.
На чинот на одбележувањето присуствуваа поддржувачите на придобивките од Народноослободителната борба, членови на Здружението на пензионерите, претставници на граѓанските асоцијации и бројни граѓани.
Во својата беседа по повод денешниот историски ден пред присутните зборуваше Ристо Марковски, претседател на ОО на СЗБ од Гевгелија, кој потсети на 95-те жртви што ги даде гевгелискиот крај во времето на револуционерниот отпор во борба со тогашниот фашистички окупатор и за нивната несебична вложеност, заедно со 24.000 жртви што ги даде македонскиот народ за изборената слобода пред речиси седум децении наназад.
„Гевгелија даде огромен придонес во Народноослободителната борба со самото тоа што четворица од нашите гевгелиски борци беа прогласени за народни херои. Тоа се: Јосиф Јосифовски – Свештарот Ѓорче, Радован Кобачевиќ – Максим, кој живеел во Горничет, Ванчо Прќе – Сермен, роден во потпланинското село Серменин на Кожуф планина, а подоцна даден на посвојување во фамилијата Прќеви во Штип, Слободан Митров – Данко, кој на 17-годишна возраст станал првиот учесник на Шпанската револуционерна борба од нашиот крај, бил заробен во концетрацискиот логор во Франција од каде што избегал и продолжил со прогресивното движење во Босанска Краина, како дел од партизанските сили предводени од СК“, истакна Марковски.
Тој потсети и на 31 колонист што биле населени во Гевгелиско, а станале жртви на фашистичката тортура, како и на шесте загинати војници од Гевгелиско што биле регрутирани во составот на бившата Југословенска војска, а како последица на фашистичката агресија во периодот од 6 до 18 април, непосредно по напаѓањето на Југославија.Фашистичкиот окупатор бил немилосрден и кон населението, познати се 16-те цивилни жртви, како и уште 14 лица од две депортирани еврејски семејства од Гевгелија, кои, исто така, умираат во злогласните логори на смртта.
„Денешниот ден не смее да се заборави и треба да биде поука за придобивките на напредното револуционерно движење во Гевгелиско, но и соодветен патоказ за респектот што го заслужува овој историски период на Македонија.
– Денеска оддавеме почит кон сите оние што придонесоа да дојдат настаните од АСНОМ-ското втемелување на македонската државност, јазик и самобитност“, истакна во своето обраќање Ристо Марковски, инаку и самиот носител на Орден за воени заслуги доделен од претседателот на СФРЈ во 1964 година, како тогашен резервен потпоручник.