Длабоки и суштински реформи во правосудството со кои ќе се овозможи владеење на правото, а не на моќниците и доследна борба со криминалот во државата, најави Владата за следните четири години.
Ова, меѓу другото, се наведува во програмата, во која Владата се заложува дека доследно ќе ја спроведе Стратегијата за реформи во правосудството која треба да биде влог во ефикасни и успешни преговори со Европската унија.
– Владата има целосен консензус дека е неопходно ефикасно и објективно „прочистување“ во правосудството. Првиот чекор за ветинг е веќе направен со надлежноста на ДКСК да ја испитува имотната состојба на судиите и јавните обвинители. Судскиот совет од своја страна, согласно новите закони, најави детална проверка на работата на судиите, особено во врска со одредени постапувања по предмети кои беа доведени до застареност со одлагање, ретки рочишта и слично. Проверка може да го опфати личното и професионално минато, стручноста и отпорноста на влијание на интересните групи, стои во програмата.
Министерот за правда Бојан Маричиќ при преземањето на функцијата најави ЕУ мониторинг на судските предмети на висока корупција како гаранција за фер и непристрасно судење и ефикасен судски процес, како и законски обврски со кои Јавното обвинителство ќе биде должно редовно, континуирано и јавно да информира за напредокот по предметите кои ги следат граѓаните.
-Бевме прва држава во регионот кои од ЕУ побаравме веднаш да ја стартура иницијативата за мониторинг на судските предмети врзани со висока корупција. Европската комисија тоа го поддржа и најави брз старт за овој инструмент. Сметаме дека овој чекор ќе ја зголеми одговорноста на обвинителите и судиите, ќе ја зајакне борбата против корупција, но и ќе ја зголеми довербата на граѓаните во својата држава и нејзините институции, се наведува во владината програма.
Едно од главните ветувања на министерот Маричиќ е успешен почеток и спроведување на преговорите за членство со ЕУ во однос на Поглавјето 23 – судство и темелни права и во делот на Поглавјето 24 – правда, слобода и безбедност.
-Сигурен сум дека е време за одлучни чекори, за деполитизација и прочистување на правосудството, време е за бескомпромисна борба со криминалот и корупцијата. Својата улога како министер за правда ја сфаќам да ја зајакнам вербата на граѓаните во системот и верувам дека со напорна работа и верно служење на граѓаните тоа ќе го постигнеме, потенцираше новиот министер за правда.
Владата најави дека ќе предложи и законска обврска за објавување и јавен пристап до аудио снимките од сите судења за висока корупција и организиран криминал.
– Јавноста ни е најсилниот сојузник во борбата против криминалот и корупцијата. Затоа, ќе создадеме законска обврска за објава на аудио снимки од сите судења за кои постои поширок јавен интерес, како дополнителна брана за волунтаризам, необјективност и неправилности во спроведувањето на судската постапка, стои во програмата.
Владата, како и во претходниот мандат, посочува дека ќе поддржи формирање на анкетни комисии или иницирање на меѓународна поддршка и мониторинг за одредени случаи кои создаваа меѓуетничка недоверба и тензии како Алфа, Монструм, Диво насеље, итн.
-Ќе предложиме и законски обврски со кои ЈО ќе мора редовно и континуирано да ја информира јавноста за својата работа и напредокот во предмети кои ги следат граѓаните. Само со транспарентна работа ќе се справиме со криминалот и корупцијата, но и со недовербата кон правната држава која ја имаат граѓаните, се стои во владината програма.
Граѓаните во Република Северна Македонија, како што е наведено во програмата, честопати се откажуваат од судска заштита на своите права заради високите судски такси.
– Ќе ги намалиме судските такси, бидејќи високите судски такси ја прават правдата недостапна за граѓаните. Во судските постапки во кои се тужи државата за прекршување на правата на граѓаните, судските такси ќе се плаќаат единствено по завршување на процесот, ако судот утврди дека немало нивно прекршување, посочуваат од Владата.
Во програмата се посветува внимание и на AКМИС системот кој, како што посочуваат од Владата, мора да биде централизиран, а судовите да бидат поврзани вертикално и хоризонтално.
-Нивната меѓусебна комуникација мора да биде непречено електронска, а информатичкиот центар во Врховниот суд мора да биде кадровско и технички силно зајакнат за да обезбеди сигурност на податоците. Така, ќе се воведе електронска комуникација со јавните обвинителства, задолжителна електронска комуникација со адвокатите, извршители, нотарите, медијатори, Агенцијата за катастар на недвижности, Централниот регистар, Државното правобранителство и други субјекти, се додава во програмата.
Граѓаните, како што е наведено во владината програма, ја губат вербата во системот кога постојано слушаат за кривични пријави и истраги за одредени кривични поведенија, а потоа не гледаат никаква акција ниту резултат.
– Имаат чувство дека во јавнообвинителскиот лавиринт најлесно се губи вистината. Од друга страна, ЈО се соочува со многу слаба и застарена информатичка технологија и обработката на податоци во јавните обвинителства. Во моментов постојат компјутери и програма за работа во јавните обвинителства (Case Management System), но мора да биде прецизиран правниот основ за да се утврди задолжително работење по тој систем, да биде утврдена одговорноста и да се отстрани можноста за злоупотреба. Така, со своевидниот АКМИС во јавните обвинителства, ќе биде јасно каде завршува секоја кривична пријава, што било преземено, кој бил одговорен по конкретни предмети и сл, стои во програмата.
Владата најавува дека ќе предложи нов модел со кој ќе се спречат злоупотребите на системот на судии-поротници преку промена на начинот на избор, одредби за конфликт на интереси, зајакнување на одговорноста на поротниците и посебни процедури за гласање при донесување на одлуки. Дополнително, ќе ги вградат во законите и препораките од Извештајот на ОБСЕ од мониторингот на одредени предмети.
Од Владата посочуваат дека во првите три месеци ќе го ревидира системот за извршување на алтернативни мерки, воспоставен со Кривичниот законик кој се покажа како нефункционален во пракса.
-Со ова ќе се обезбеди ефикасен надзор на лицата кои се условно отпуштени или на кои им е изречена условна осуда со заштитен надзор, успешно извршување на куќниот затвор и мерката куќен притвор (електронско следење на лицата на кои им се изречени), како и спречување на нивно бегство од државата, стои во програмата на Владата.