Виновникот за страотната сообраќајка кај „Млечен“ доби условна казна, роднините на жртвата гневни

Од:

Сопругата и таткото на тетовецот Гоце Димитриевски, кој пред скоро две години загина во страотна сообраќајка на скопскиот булевар „Митрополит Теодосиј Гологанов“ во близина на Млечен ресторан, на социјалните мрежи со револт реагираат затоа што на виновникот за несреќата денеска му била изречена само условна казна.

32-годишниот Димитриевски загина кога тој и неговата бремена сопруга, кои се возеле на мотор, ги удри автомобил чиј возач, тогаш 61-годишниот Васил Чорбаџиев, преминал преку две полни линии, вртејќи во забранет правец. Сопругата Наташа беше тешко повредена, а како последица на ужасната несреќа, го загуби бебето.

Според роднините на Димитриевски, казната е премногу блага, а изречена е само поради тоа што возачот ја признал вината.

„Денеска во Името на граѓаните на РСМ судијата Елена Илиевска Јосифовиќ при ОС Скопје 1 му изрече условна осуда на оној кој ми го одзеде сопругот на 32 години, бебето и мене ме остави со тешки телесни повреди!!! Само затоа што признал! Дно дна!!!“, напиша на Твитер сопругата на загинатиот.

Сопругата додава дека обвинетиот на денешното рочиште не се појавил во судницата да ја слушне казната и со разочарување коментира дека тој дури испаднал и жртва во случајот.

Таткото на Димитриевски, Зоран, раскажа и повеќе детали од изрекувањето на пресудата – тој вели дека пред почетокот на рочиштето, роднините биле известени да останат смирени без оглед на тоа каква е пресудата, или во спротивно ќе бидат казнети. Судијката кажала дека ѝ било многу тешко да ја донесе одлуката, согледувајќи ги сите околности, по што ја соопштила пресудата за условна казна, вели таткото на загинатиот Гоце.

„И сега, кој е кој, ние ќе бидеме казнети ако негодуваме, а тој што одзеде животи и што уништи животи на фамилии си е слободен. Тоа е нашето судство, обвинителство и цел ланец на судски заврзлами. Не смеам да кажам некој лош збор на Фејсбук, бидејќи може да дојдат и да ме најдат за виновен. Сега нека пресуди народот – кое судство и која правна држава ја имаме,“ напиша меѓу другото Зоран Димитриевски на Фејсбук.

Би можело да ве интересира

Екс-директорот го украл ехо апаратот од болницата во Кичево

Застрелал човек со кој бил на лов: кривична пријава за убиство од небрежност

Трагедија кај Елешец: Загина 18-годишно момче, тинејџер е тешко повреден

Катерина Ѓуровски

Охриѓанец со нож повредил тројца, приведен е

Скопјанец возел во спортивна насока на автопатот кон Тетово

Скопјанецот кој прегази жена во Марино возел дрогиран