Полицијата покрена обвиненија против Ариел Кастро, еден од тројцата браќа, уапсени за грабнување и долгогодишно држењето во заточеништво на три жени, во една куќа во Кливланд, во државата Охајо, соопшти ДПА.
Ариел Кастро (52), поранешен возач на училишен автобус, се соочува со четири обвиненија за грабнување и три обвиненија за силување, изјави Виктор Перес, заменик главен обвинител во Кливланд.
Засега не се покренати обвиненија против неговите браќа О’нил (50) и Педро (54), кои беа уапасени заедно со него. Нема докази дека тие учествувале во криминалот, извршен врз жените, додаде Перес.
Аманда Бери (27), Џина Дехесус (23) и Мишел Најт (32) беа ослободени од своето заробеништво во понеделникот вечерта. Тие биле грабнати пред 10, девет и 11 години.
Во куќата имало и шестгодишно девојче, ќерката на Аманда Бери, родена за време на грабнувањето.
Според истрагата, жените биле подложени на сексуално насилство. Началникот на локалната полиција Мајкл Мекграт соопшти дека во куќата се најдени јажиња и синџири, што потврдува дека жените биле врзувани. Тој кажа дека на заробеничките исклучително ретко им било дозволувано да излезат надвор од куќата, односно од време на време биле пуштани во задниот двор.
Во понеделникот Аманда успеа да избега и со помош на соседите повика полиција.