Британија започна нова кампања за укинување на ембаргото на ЕУ, за продажба на оружје на сириските бунтовници, а премиерот Дејвид Камерон предупреди дека расте бројот на убедливи информации дека сириската влада употребувала и продолжува да употребува хемиско оружје како што е сарин.
-Се намалува просторот за сомнеж, рече Камерон во парламентот и додаде дека е потребно под итно да започнат преговори за решавање на овој судир. Тој нагласи дека во петок ќе отпатува во Русија каде што со претседателот Владимир Путин ќе разговара за тоа, бидејќи злосторствата во Сирија се се почести.
Во меѓувреме Британија на своите партнери во ЕУ им достави документ во кој наведе два начина на кои може да се измени сегашниот режим на санкции и оружјето му биде испорачано на опозицискиот Сириски национален совет.
Членките на ЕУ се со поделени мислења околу ембаргото за помош на бунтовниците, а се очекува преговорите да продолжат до истек на рокот на постоечките санкции на ЕУ до 1 јули.
Неколку членки се против напорите на Франција и Британија да се укине ембаргото, бидејќи стравуваат дека би можело да дојде до ескалација на судирите во Сирија.
Германската канцеларка Ангела Меркел ја поздрави иницијативата на Русија и САД за одржување меѓународна конференција за Сирија и нагласи дека судирот во Сирија треба да се решава со политички средства.
-Фактот дека САД и Русија предлагаат одржување на конференција е охрабрувачки сигнал. Ние сакаме војната во Сирија да заврши – рече Меркел.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и американскиот државен секретар Џон Кери се договорија за свикување меѓународна конференција за Сирија со цел да се надмине кризата.
Тие нагласија дека Русија и САД ќе ги поттикнат сириската влада и опозиција да најдат политичко решение.
Елена Георгиевска