Екипите на МЗТ Скопје Аеродром и Кожув покрај предноста на домашен терен во полуфиналето од плеј-офот ќе стартуваат со предност од 1-0 во победи против своите ривали. Ова е епилогот по одигрувањето на вечерашните натпревари од 10.коло во кошаркарската Суперлига.
Шампионот МЗТ Скопје на гостувањето во Кавадарци го победи Фени Индустри со 93:82, тим со кој бранителот на титулата в сабота ќе се сретне во првиот дуел од полуфиналната фаза.
Центарскиот тандем Ѓорѓи Чековски со 24 и Тодор Гечевски со 18 поени беа најзаслужните за победата на шампионот, додека во поразената екипа најефикасен играч беше Бојан Трајковски со 17 реализации.
Постигнати резултати на другите две средби од последното коло во втората фаза на кошаркарскиот шампионат: Кожув – Лирија 91:64 и Работнички – Куманово 82:83.
Втората полуфинална двојка ќе ја сочинуваат Кожув и Работнички. Гевгеличани серијата прв до три победи ја почнуваат со предност од 1-0 во победи поради подобриот меѓусебен скор во натпреварите од лигашкиот дел.
Табела: МЗТ Скопје Аеродром 9-1 (победи-порази), Кожув 7-3, Работнички 5-5, Фени Индустри 4-6, Куманово 4-6 и Лирија 1-9.