По успешното претставување во Хрватска, наскоро, во издание на Црногорското друштво на независните писатели (ЦДНК) од печат треба да излезе наградениот роман „Дваесет и првиот“ на Томислав Османли.
Меѓу единаесетте наслови чие софинансирање го презема Министерството за култура на Црна Гора, се наоѓа и преводот на македонскиот роман „Дваесет и првиот“ кој во 2010 година беше прогласен за Роман на годината на конкурост на „Утрински весник“.
Суптилниот преводот на црногорски јазик, со чувство за разликите во стилот и дијалектните форми на говорот својствени за оваа книжевна творба, го изработи Марина Маркоска. Уредник на изданието на книгоиздателството ЦДНК е книжевниот автор Милорад Поповиќ.
Минатата година црногорското книжевно списание „Арс“ кое во секој број фокусира по еден автор, го претстави македонскиот автор Томислав Османли токму со одломка од романот „Дваесет и првиот“.
„Дваесет и првиот“ е преведен и на српски јазик, и е подготвен за печат и во реномираната белградска издавачка куќа „Стубови културе“ во која се објавуваат најеминентните српски автори, при што книгата на Османли е првиот прифатен наслов на македонски автор.