Истекува рокот за пријавување за награди за освоени први три места на натпревари по математика и природни науки

Од:

До денеска е рокот на јавниот повик на Министерството за образование и наука за доделување парична награда за освоено прво, второ или трето место на меѓународен натпревар од областа на математиката и природните науки во учебната 2019/2020 година на ученици од средното образование и на наставници кои ги подготвувале за натпреварот.

Може да се пријават ученици запишани во средно училиште во земјава и наставници вработени во средно училиште кои подготвувале ученици за натпреварот. Во повикот објавен на веб-страницата на МОН може да се преземе пријавата за аплицирање. Наведени се и документите што треба да се поднесат и начинот на пријавување.

– Под меѓународен натпревар се подразбира натпревар на кој учествуваат ученици од најмалку десет различни држави и притоа се споредуваат знаењата помеѓу учениците од различните држави и се рангираат нивните постигнувања. Доколку на меѓународниот натпревар има повеќе ученици кои освоиле прво, второ или трето место, односно има повеќе ученици кои освоиле златен, сребрен или бронзен медал, се доделува парична награда само на оние ученици кои се рангирани на прво, второ или трето место, односно за првите три ученици кои имаат освоено најмногу бодови, согласно ранг-листата од меѓународниот натпревар. Доколку на ранг-листата има двајца или повеќе ученици кои освоиле прво, второ или трето место и се со ист број на бодови, Министерството ќе додели парична награда за сите ученици со ист број на бодови, наведува МОН во повикот.

Министерството за образование и наука ќе додели поединечно парична награда во износ од 50 отсто од просечната нето-плата исплатена по работник во Република Северна Македонија во последниот месец пред доделувањето за освоено прво место, 40 отсто за освоено второ место и 30 отсто за освоено трето место.

МОН не доделува парична награда за освоени први, втори или трети места на натпреварот по математика „Кенгур” организиран од Сојузот на математичарите на Република Македонија, кој е дел од Меѓународната асоцијација „Kangourou sans Frontieres”, бидејќи не се смета за меѓународен натпревар.

Исто така, Министерството за образование и наука не доделува парична награда за освоени први, втори или трети места на меѓународните натпревари кои се организираат преку онлајн-аплицирање и меѓународните натпревари кои се однесуваат на проекти.

Би можело да ве интересира

Раст на платите во јавната администрација и образованието ќе има следната година

Независниот синдикат порачува: Нека се скрати на превоз на пратеници, на апанажи, на службени возила и ќе има пари и за просветните работници

Предраг Петровиќ

Јаневска: Нашите ученици каснат многу во однос на нивните врсници во Европа

(ВИДЕО) Баковска: Нема образовни асистенти во училиштата, гневни се родителите на децата

Наставниците нема да добијат зголемување на платите во септември, ќе има во март

Филипче: Наставниците и работниците се разочарани, платите со оваа Влада нема да растат