Издaвачки центар ТРИ ја објави книгата „Поликсена со прасето“ од познатата италијанска писателка Бјанка Пицорно, во рамки на новата едиција „Магични приказни“ поддржана од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија.
-Книгата е приказната за Поликсена, весело девојче со богата фантазија кое, откако ќе открие дека е посвоена ќерка, бега од дома и тогаш почнуваат сите нејзини авантури. Патувачкиот циркус е нејзиното ново патувачко место под Сонцето, а сите нови средби, недоразбирања и отплеткувања на мистеријата водат до одгатнување на големото прашање: чија ќерка е Поликсена?, соопшти ТРИ.
Бјанка Пицорно e една од најзначајните современи италијански писатели за деца и млади, драматург, сценарист, илустратор и преведувач. Автор е на педесетина книги, преведени на многу светски јазици и речиси сите бестселери, за кои има добиено многу домашни и меѓународни награди. Меѓу другото, таа е петкратен добитник на наградата „Ханс Кристијан Андерсен“ за литература за деца.
Пицорно е авторка која експериментира со вкрстување жанрови што резултира со извонредно забавни книги кои, иако изобилуваат со фантастични елементи, сепак се темелат врз искуства од реалниот живот и третираат актуелни теми.