Екипата на Чикаго продолжува со добрите игри против првакот Мајами и со победа ја почна полуфиналната серија во Источната конференција од НБА плеј-офот.
Најефикасен на натпреварот беше Нејт Робинсон со 27 поени, додека одличен натпревар одигра и Џими Батлер со 21 поен и 14 скокови и добра одбрана над Леброн Џејмс, кој пред почетокот на натпреварот го доби признанието МВП за регуларнуиот дел од сезоната.
Џејмс дуелот го заврши со 24 поени.
Чикаго победи со 93:86, а во последната четвртина „биковите“ буквално ја „растурија“ одбраната на домаќинот постигнувајќи 35 поени.
На вториот дуел одигран ноќеска, Сан Антонио не дозволи изненадување и по две продолженија ја победи екипата на Голден Стејт со 129:127 за водство со 1-0 во победи во „Западното полуфинале“.
Натпреварот го реши Ману Џинобили со тројка на 1.2 секунди до крајот на второто продолжение.
Во сенка на поразот останаа 44-те поени на Стефан Кари за Голден Стејт.
Вечерва на програмата се другите два полуфинални дуела од конфренциите: Њујорк – Индијана и Оклахома Сити – Мемфис.