Главниот лекар во болницата во рускиот град Омск, Александар Мураховски, изјави денеска дека лидерот на руската опозиција Алексеј Навални ќе остане во таа установа сè додека не се стабилизира неговата состојба.
Навални беше хоспитализиран пред два дена, откако му се слошило во авионот кој принудно слета во Омск за да му биде укажана помош. Според неговите соработници, Навални бил отруен со отров ставен во чај кој му бил послужен на аеродромот пред летот.
Мураховски претходно рече дека германските специјалисти кои пристигнале во Омск со авион за брза помош, го прегледуваат Навални.
Сопругата на опозиционерот побара од рускиот претседател Владимир Путин да дозволи Навални да биде префрлен од болницата во Сибир во Германија поради лекување.
Сојузниците на Навални договориле негово лекување во Германија, но руските лекари велат дека неговата состојба во моментов е премногу нестабилна за да биде пренесен од болница.