Во Општина Делчево денеска се одбележува 110 годишнината од загинувањето на Гоце Делчев, патронот на градот, што до 1950 година се именуваше како Царево Село.
Утрово во црквата „Успение на пресвете Богородица„ беше отслужена заупокоена литургија за трагично загинатиот војвода, револуционер и организатор на борбата за слобода на Македонија.
Напладне градоначалникот на Делчево Дарко Шехтански и делегации на политички партии, установи и фирми што го носат името на патронот пред неговиот споменик покрај кејот на Брегалница положија букети цвеќиња.
Поети од Здружението на роднокрајни автори „Пијанечки глас„ одржаа литературно читање со творби посветени на Гоце Делчев и плејадата загинати борци за слобода на македонскиот народ. Во спомен домот АСНОМ историчарот Горан Панов одржа историски час, а КУД „Гоце Делчев„ изведе пригодна културно-уметничка програма. Чествувањето на патронот на градот продолжува со спортски натпревари во повеќе дисциплини.