Најмалку 32.000 луѓе во Босна и Херцеговина се отпуштени од работа од почетокот на епидемијата на коронавирус, а работодавците најавуваат дека слична судбина ги чека уште десетици илјади кои сè уште имаат работа, пренесува дневник.ба.
Според збирните податоци на Агенцијата за статистика на БиХ, повеќе од 23.000 работници биле отпуштени во Федерацијата БиХ од средината на март до 20 јули, додека повеќе од 9.000 ги загубиле своите работни места во Република Српска.
Сепак, овие податоци се показател за само дел од проблемот, а бројката е сигурно далеку поголема, пишуваат босанските медиуми, затоа што работодавците во БиХ не регистрираат голем број работници, ниту пак им плаќаат придонеси. Се претпоставува дека најголем број од оние кои ги загубиле своите работни места се токму меѓу овие работници.