Сабота, значи покој. Велика Сабота е ден на покојот, ден на Покојникот, ден на Најголемиот покој и на Најголемиот Покојник. Велика Сабота е денот меѓусмртта и воскресението, меѓу Петок и Велигден, денот што ги спојува распнувањето и радоста.
Денот на Големиот Покој е времето кога Христовото тело е во гробот. Покојникот е внатре од вчера. Овој е втор ден на нашата жалост, тага и молк. Ден на длабоко молчание, созерцание и покој.
Овој е денот на оплакувањето на Покојникот. Тогаш, Мајка Му – Пресветата Богородица и жените мироносици, по погребението, Го оплакувале Господа Исуса Христа. Денес се изразува болката, тагата и жалоста на Пресвета Богородица. За нас, па, ова е ден за солзи на љубовта и благодарноста.
Велика Сабота е определена како Ден за чување на гробот. Денес сите сме крај Христовиот гроб. Се поклонуваме пред Плаштаницата, на која е претставено телото Господово при погребението, и положено во гробот. Тоа е украсениот гроб Христов, на сред црква, пред кој стоиме и молчешкум се молиме. Се протнуваме под неа на колена, со понизност. Го чекаме Воскресението.
Ова е ден за прославување на неискажливата љубов од Богочовекот кон луѓето. Велика Сабота е ден на исчекување, ден на свештен трепет пред Христовото Воскресение.