Сопругата на холандскиот амбасадор во Либан почина денеска од повредите со кои се здоби во експлозијата што се случи во пристаништето во Бејрут во вторникот, соопшти холандското Министерство за надворешни работи.
„Хедвиг Волтманс-Молиер (55) била повредена додека седела покрај нејзиниот сопруг, амбасадорот Јан Волтманс, во дневната соба во нивната куќа во Бејрут“, соопшти Министерството.
Масовната експлозија предизвика огромна штета на холандската амбасада, при што повредени се и четири други лица.
Официјален претставник на Министерството за здравство во Либан објави денеска дека бројот на загинатите во либанската престолнина се искачи на 154, а 60 се водат за исчезнати.
Најмалку 120 од повеќе од 5.000 повредени се во критична состојба, пренесува Франс Прес.