ВЈЗУ Специјализирана болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември“-Скопје информира дека вкупно 17 лица се заразени со коронавирус во установата, од кои двајца се со потешка клиничка слика.
„На ден 03.08.2020 година, добивме повратна информација од страна на Институтот за јавно здравје-Скопје за 2 пациенти позитивни на COVID 19, по испратени брисеви за обработка, во рамки на едно одделение во Одделот за Геријатриска медицина.
По добиената информација, веднаш е постапено согласно со протоколите за изолирање на болните од останатите пациенти и спроведување на епидемиолошка анкета на вработени за спречување на ширење на инфекцијата и мерки за дезинфекција. Веднаш е спроведен скрининг на вработените од одделението и детектирани се 3 вработени позитивни на COVID 19 кои веднаш се исклучени од работниот процес и пријавен е случајот во Центарот за јавно здравје-Скопје и
Државниот санитарен и здравствен инспекторат,“ велат од болницата.
„Од овој кластер, до сега се детектирани 17 позитивни пациенти, 2 се со потешка клиничка слика и транспортирани се на Клиника за инфективни болести и фебрилни состојби, додека останатите 3 се асимтоматски и префлени се за лекување во новиот COVID 19 центар во рамки на болницата Козле.
Останатите позитивни пациенти од ова одделение остануваат на лекување во нашата Установа, комисијата за интрахоспитални инфекции во соработка со ДСЗИ и Центарот за јавно здравје спроведе соодветни протоколи за работа со вакви пациенти. Пациентите кои се позитивни на COVID-19 во нашата Установа се во моментот асимптоматски, се следи постојано нивната клиничка слика, доколку истите се влошат ќе се направи обид да се префрлат во постоечките
COVID центри.
Сакаме да напоменеме дека установата до сега успешно се избори со COVID 19 пандемијата и имаше неколку изолирани случаи кои се очекувани во оваа ситуација и успешно се менаџирани, се со цел навремено сузбивање на ширењето на инфекцијата.
Установата ги превзема сите мерки за заштита и спречување на истата, но мора да се има во предвид фактот дека станува збор за вирусно заболување со сеуште непозната етиологија и начин на ширење, сите ние континуирано учиме и паралелно се справуваме со оваа светска криза. Целокупниот стручен колегиум и медицински персонал е интензивно вклучен во спроведување на протоколите за да се спречи ширење на инфекцијата на останатите одделенија и сметаме дека ситуацијата е целосно под контрола,“ се вели во соопштението од специјализираната болница.