ЗНМ и ССНМ побараа преиспитување на нацрт-законот за медиуми

Од:

Вицепремиерот за европски прашања Фатмир Бесими денеска на неформална средба со новинарите по повод Светскиот ден за слобода на медиумите ги слушна забелешките од Здружението на новинарите на Македонија и од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски рабитници (ССНМ) за нацрт-законот за медиуми.

Бесими ги повика  забелешките и коментарите со кои може  да се  подобри нацртот да ги достават до крајот на месецов до кога Министерството за информатичко општество и администрација го продолжи рокот за дебата за законот што се подготвува, но претставниците на ЗНМ и на ССНМ сакаат повлекување на законот и побараа од вицепремиерот да го прати нацртот на анализа во Советот на Европа. Клучна забелешка е што Владата донесува закон за кои тие не се прашани и што во него ги вградила само оние одредби од европската легислатива што се однесуваат на ограничување на слободата на изразувањето.

Претседателот на ЗНМ Насер Селмани побара да се постапи по препораките на Европската комисија, а најдобро решение, рече тој, е законот да се повлече.

– Ако Владата сериозно не ги преиспита решенијата во законот, следната година Македонија во релевантните меѓународни невладини организации ќе биде рангирана во група на земји без слобода на изразување.  Владата треба да покаже јасна волја дека сака да ја штити и гарантира слободата на изразувањето, а не да ја ограничува. Најдобро решение би било законот да се повлече и да почнеме од почеток кои се причините зошто треба да се донесе ваков закон. Тие одговори ги има во извештаите на Европската комисија која забележува дека медиумите работат под силен политички и економски притисок, дека владините реклами влијаат на поткупување или купување на уредувачката политика, дека МРТ не ја исполнува мисијата што и е дадена со закон и дека Советот за радиодифузија нема одржливо финансирање и е под влијание на политиката. Во декември 2011 се договоривме со Владата дека има потереба за менување на законот само во правец на вградување на европската директива и препораките на Советот на Европа. Владата без да не консултира нас, нуди закон кој е сосема различен од она за што првично се договаравме и нема објаснување зошто ни треба таков голем, обемен закон,  додаде Селмани.

Вицепремиерот Бесими рече дека за нацртот се консултирани експерти од Европската комисија и повика на дијалог и доверба меѓу двете страни.

– Законот е во фаза на јавна расправа и треба да се искористи можноста сите коментари што може да придонесат за негово подобрување да се дадат во МИОА. Постојниот нацрт е подготвен со вклученост на експерти од Европската комисија, а и коментарите и следниот нацрт ќе бидат во консултација со експерти од ЕУ, со цел да сме посигурни тоа што се прави во законот да е во согласност со европските стандарди и директиви. Како Секретаријатот за европски прашања сме заинтересирани Македонија успешно да чекори кон ЕУ-интеграциите во кои слободата на изразувањето на медиумите е меѓу главните вредности на демократијата. Како вредност таа е дефинирана, но останува како да ја имплементираме. Слободата на изразување оди заедно со одговорноста на говорот и изразувањето. За да се стекне доверба во процесот, треба постојано да разговараме. Без разлика на спротивните мислења, некаде ќе се најдеме, ако целта е иста и ако сме искрени, рече Бесими.

Како основно човеково право слободата на изразување обезбедува услови за заштита и промоција на сите останати човекови права. Но, неговата примена не се случува по автоматизам, туку бара безбедна средина за дијалог каде сите ќе може да зборуваат слободно и отворено без страв од репресија. Oва се вели во заедничката порака на генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун и генералниот директор на УНЕСКО Ирина Бокова по повод 20-годишнината од одбележувањето на Светскиот ден за слобода на медиумите.

Годинашното мото под кое се одбележува овој ден е „Безбедно е да зборуваш: да се обезбеди слободата на изразување во сите медиуми“, а акцентот особено е ставен на прашањето за безбедноста на новинарите,  борба против неказнивоста на  дела против слободата на изразување и обезбедување слободен и неограничен пристап на интернет.

Според најновиот извештај на Фридом хаус објавен завчера, генерално во светот лани е забележан пад на медиумската слобода, а процентот на светската популација, која живее во земји со целосно слободни медиуми паднал на најниско ниво во последните 16 години.

Би можело да ве интересира

Директорката Иљази им забрани на вработените на Токсикологија да даваат изјави за медиумите

A1on

Костадиновска-Стојчевска: Покажавме како се почитува слободата на медиумите, „Репортери без граници“ го потврди тоа

А1он

Во медиумите во Македонија работат 2.100 луѓе, 20% од редовно вработените се во онлајн медиуми

A1on

Собранието го донесе Законот за медиуми и други закони

Горан Наумовски

Главна цел на измените на Законот за медиуми треба да биде законската регулација на интернет порталите

Ковачевски: Им се извинувам на медиумите, не сакам да се им се случи она што се случуваше до 2016

A1on