(ВИДЕО) Спасовски: Решението за случајот со водоводот во Синичане да се бара во законски рамки

Од:

Премиерот Оливер Спасовски апелира низ дијалог во населените места во тетовската Општина Боговиње да се изнајде заедничко добро решение за сите и граѓаните на Синичане да добијат што е можно побрзо вода за пиење.

Изјавата на Спасовски доаѓа откако денес МВР објави дека полицијата излегла на терен во тетовско Синичане кај што било констатирано дека се работи за бесправна градба на водоводен систем. Според МВР, полицајците биле таму за да го обезбедат местото и да спречат инцидент.

На терен излегла и Јавната обвинителка од тетовското Обвинителство Лејла Кадриу, која им наредила на полицајците да го напуштат местото, за што, според Спасовски, немала право, затоа што во моментов за случајот не се води никаква постапка.

За мене, наведува Спасовски во објава на Фејсбук, единствено што е важно е да се постапува по закон и Устав, да не се дозволи да имаме анархија и постапување вон законските прописи.

-Нашите граѓани, од Општина Боговиње, јас ги почитувам, ги поддржувам и многу е важно да имаме решение на нивниот проблем, коешто ќе дојде низ законски рамки. Апелирам низ дијалог во населените места во Општина Боговиње се изнајде заедничко добро решение за сите и граѓаните на Синичани да добијат што е можно побрзо вода за пиење, напиша премиерот Спасовски на својот ФБ профил.

Истовремено во објавата демантира дека со обвинителката Лејла Кадриу водел разговор поврзан со жителите на Синичане.

Тој вели дека обвинителката, која постапува по случајот,  му се јавила, но оти во тој разговор воопшто не станало збор за граѓаните, туку, како што вели, само и посочил дека нема потреба да го бара оти има јавен обвинител на РСМ и оти со него треба да се разговара.

Полицијата по добиени сознанија околу активностите за изградба на водоснабителен систем во тетовското село Синичане вчера излегла на лице место на терен при што се прибавени податоци и информации и до Основното јавно обвинителство Тетово е поднесено известување за сомнение за сторено кривично дело „бесправно градење“.

Портпаролот во МВР Тони Ангеловски денеска изјави дека присуството на полициски службеници на местото каде што се почнати работни активности за изградба на водоснабдителниот систем е во функција на обезбедување на јавниот ред и мир.

Што се однесува до координацијата и соработката со Јавното обвинителство, тој нагласи дека МВР соработува со обвинителството во сите случаи, како и во овој случај околу истрагата што ја води обвинителството.

Случувањата во тетовско околу почеток на изградба на водовод ќе ги испитува и Јавното обвинителство на Република Северна Македонија (ЈОРСМ). Оттаму попладнево информираат дека Вишото јавно обвинителство ќе го испитува предметот, како и постапувањето на тетовската обвинителка Лејла Кадриу.

-Поради различните информации во медиумите и на социјалните мрежи за учеството на јавниот обвинител од Основното јавно обвинителство Тетово Лејла Кадриу на место на кое се изведувале работи на водовод во тетовско и повеќе нејаснотии во нејзиното постапување Јавниот обвинител на Република Северна Македонија денеска писмено побара од Вишото јавно обвинителство Гостивар да изврши увид во предметот, врз основа на член 27 став 5 и член 28 став 1 од Законот за јавно обвинителство, се вели во соопштението.

По извршениот увид, Вишото јавно обвинителство Гостивар треба веднаш да достави информации, а по приемот и анализата на добиената информација, Јавниот обвинител на Република Северна Македонија ќе донесе соодветна одлука, посочија од ЈОРСМ.

Би можело да ве интересира

Владата ќе помогне побргу да се изгради водоводот во тетовско Синичане

Жарко Настоски

Спасовски: Во Владата денеска разговори за изградба на водоводот во Синичани

Ана Ололовска

Јавниот обвинител бара објаснување од тетовската обвинителка за случајот во Синичане

Жарко Настоски

Села: Зад настаните во село Синичане се крие бизнис заедницата на ДУИ

Ана Ололовска

ВИДЕО: Полицијата на терен во тетовско Синичане за „бесправно градење“ водоснабдителен систем, целта обезбедување јавен ред и мир

Ана Ололовска