ВИДЕО: Во „Фаланга 2“ разбиена криминална група трговци со предмети со културна и археолошка вредност

Од:

МВР во рамки на акцијата „Фаланга“ откри 19 члена криминална група која од археолошките локалитети на територијата на Демир Капија, Свети Николе, Кавадарци и Скопје вршела илегално ископување на предмети со културна и археолошка вредност, нивно продавање во земјава и во странство, како и продажба на икони за кои постојат сомненија дека потекнуваат од црковни објекти, а се со непроценлива вредност за културното наследство на Република Македонија.

Во текот на акцијата приведени се 14 лица од пријавените, две лица кои се српски државјани не се достапни, а тројца се веќе приведени и се претходно пријавени во врска со истата постапка, соопшти на денешната прес – конференција министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.

Врз основа на докази до Основното Јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција денеска ќе биде поднесена кривична прија за 19-те членови на криминалната група, од кои 17 се македонски, а двајца се српски државјани, осомничени дека сториле повеќе кривични дела и тоа „злосторничко здружување“, „уништување на културно наследство, присвојуање и изнесување на културно наследство“, како и „злоупотреба на службена положба и овластување“.

Во криминалната група делувале и двајца вработени во Управата за заштита на културното наследство и двајца во Музејот на Македонија и Музејот во Демир Капија, како и еден полицаец од Велес. Тие давале информации за значењето, вредноста и безбедноста на културното наследство, овозможувале непречено пренесување на археолошките предмети од една до друга локација, прикривање на предметите и нивна продажба надвор од Македонија.

МВР при претрес на вкупно 23 објекти на подрачјето на Скопје, Велес, Куманово, Демир Капија и Кавадарци, информираше Јанкулоска, пронајде археолошки предмети изработени од керамика, бронза и метал, два керамички детали од теракота, пет слики, 14 икони на дрво со различни димензии, две стари црковни книги, литература за археолошки предмети, две неправилни плочи, еден глинен ќуп, 121 монета со различна неправилна кружна форма и големина, меѓу кои и една со изграфиран лик на Александар Македонски…

– За дел од предметите претпоставуваме дека имаат непроценлива историска вредност. Ќе следуваат вештачења од надлежни институции и експерти кои ќе можат да ја кажат вредноста на предметите односно да се утврди штетата што ја претрпела Република Македонија, изјави Јанкулоска.

На подрачјето на Росоман, при купопродажбата на седум вредни стари икони, приведени се двајца членови на криминалната група.

На 30 април, при претрес на возило „ауди“ во кое биле четворица од криминалната група, пронајдени се и одземени археолошки премети, монети и бронзени и керамички предмети, во вредност од неколку десетици илјади евра, според цените на илегалната берза.

Според министерката Јанкулоска во овој момент МВР нема информации дали меѓу пронајдените икони се оние украдени во Лазарополе.

– Активностите на МВР по однос на заштита на културното наследство и откривање поединци и групи кои се занимаваат со нелегална продажба, оштетување или уништување на културното наследство траат континуирано, со системски пристап за евентуално откривање на ваквите криминални групи, потенцира Јанкулоска

Би можело да ве интересира

Арсенал оружје пронајден кај вработен во МВР, обвинителството бара притвор

Катерина Ѓуровски

СДСМ најостро го осудува палењето на возилото на претседателот на ОО Кривогаштани

Катерина Ѓуровски

СДСМ: Власта на Мицкоски и ДПМНЕ не прифати покачување на платата на полицајците за 20 отсто

Осумдневен притвор за 32-годишен скопјанец поради „тешка кражба на дрзок начин“

А1он

Притвор за полицаец поради продажба на кокаин

А1он

Oткази за 15 високи службеници во МВР

А1он