„Трновитиот пат на очајниците“ е стихозбирката на поетесата Славјанка Љуткова што денеска беше промовирана пред споменикот на загинатите борци од Граѓанската војна во Грција, во Велес, каде се наоѓа и бистата на Мирка Гинова. Настанот е во организација на Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија „Ѕвезда“.
Пред присутните на настанот помоторот Љупчо Данов потенцира дека додека ги читал овие стихови ми дошла помислата за немирот и љубовта со која авторката Славјанка ги опишала мајчините, бабините и татковите приказни и кажувања како дел од бегалската меморија на луѓето од Егејот, слеани во зборови со наталожена тежина и едноставност, но и великодушност.
-Искоренетиот порив да не се заборави исконското, македонското страдање, во овие искажувања не носи далеку во годините, кога една борба била заменета со друга. Колоната мајки и деца чекореле од Егејот до Европа. Ги ресеала луѓето и нивните судбини,стремежи и надежи низ цела Европа: од Македонија, Србија, Романија, Унгарија,Чехословачка, Полска, па се’ до Русија. Европа не сакала да знае и да ги гледа овие бегалциТие биле само бројка и списоци со имиња, без почеток и крај, потенцира Данов.
Како што додаде, тие Македонци во своите торбулиња носеле грстови земја, завиткани во бабините крпи и шамии, адет-да не се заборави мирисот на земјата на која се родиле.
-Европа сеуште не им верува на солзите на Македонците од Егејот,а од таму не се гледа подадената рака на помирување и надеж за враќање, потенцира Данов.
Авторката Славјанка Љуткова за МИА вели дека оваа стихозбирка е нејзиното најголемо богатство кое го создала. Го напишала во чест на нејзините родители Костадинка и Аристиди Кајшарови и илјадниците Македонци бегалци од родните огништа и нивната голгота, но надеж дека ако не тие барем нивните поколенија еден ден ќе ги посетат родните огништа на своите родители, баби и дедовци.