13-ти ден по ред, илјадници демонстранти се собраа во центарот на Софија за да побараат оставка од премиерот Бојко Борисов и неговата влада, како и оставка на јавниот обвинител Иван Гешев, јавуваат бугарските медиуми.
Протестите продолжуваат и покрај тоа што Борисов денеска го преживеа гласањето за доверба на владата во Бугарскиот парламент. Во меѓувреме, бугарскиот премиер од Брисел најави 29 милијарди евра економска помош од ЕУ за Бугарија во следните години.
Демонстрантите велат дека владата на Борисов е корумпирана и дека ги штити мафијашите и олигарсите во Бугарија.
Николај Шиндаров, кој на секој протест е во првите редови заедно со своето куче Салвија, изјави дека не очекувал да помине гласањето за недоверба на владата во Парламентот, но дури и тоа да се случело, барањата на демонстрантите немало да бидат исполнети, затоа што луѓето не ги сакаат не само пратениците на владејачката партија ГЕРБ, туку сите пратеници.