Почна регистрацијата за настанот за женското здравје во Европа „Race for the cure“. Овој спортски и хуманитарен настан, како што соопштуваат од Здружението „Борка – за секој нов ден“, ги обединува луѓето погодени од рак на дојка и нивните семејства и пријатели. Земјава преку Здружението, рамноправно се приклучува на овој глобален настан.
Оваа година нема да има класична трка поради пандемијата, но ќе се организира на дигитален начин. Дигиталната трка ќе се одржи на 25, 26 и 27 септември и во истовремево 31 град во Европа и се очекува да се приклучат околу 500 илјади учесници. Регистрацијата се одвива преку платформата www.racefothecure.eu, која е преведена на македонски и на уште други 24 јазици, а вклучени се 34 организации.
– Регистрирајте го вашиот тим и подгответе се за вашата три километри прошетка или пет километри трка. Можете да одите каде што сакате, запазувајќи ги здравствените препораки за коронавирусот. Можете да пешачите или трчате во вашето соседство, град или село, дури и да трчате во затворено на трака за трчање, орбитрек, статичен велосипед или во теретана и да се поврзете со илјадници луѓе низ цела Европа во последниот викенд од септември, се вели во соопштението.
Учеството е 300 денари, а при регистрацијата, може да се избере личност или мотив за учеството, да се посвети персонализирана порака, да се прикачи фотографија или видео за поддршка на одредена личност или организација.
– Статистиките велат дека на глобално ниво во 2018 година бројот на новодијагностицирани од карцином на дојка биле 2088 849 нови случаи, додека бројот на смртност бил 626 679. Во Македонија се дијагностицираат три до четири случаи секој ден, вели Биба Додева, претседателка на Здружението.
Kампањата „Race for the cure“ ја поддржува Македонски Телеком, долгогодишен партнер на Здружението Борка.