Точно во 22:34 часот, кога Тунижанецот Мохамед Лахуаеџ Булел изврши терористички напад во Ница и со камион прегази луѓе пред четири години, 86 светлосни снопови синоќа го осветлија небото над Англиското шеталиште во чест на 86 жртви.
Во градот, кој беше длабоко потресен од овој терористички напад, граѓаните се собраа за да оддадат чест на жртвите.
Неколку членови на семејствата на жртвите ги зазедоа своите места на посебна трибина. Меѓу нив беше и писателот Тиери Вимал, кој ја загуби својата 12-годишна ќерка Ами, по што ја напиша книгата „19 тони“ (толку тежел камионот користен за напад таа вечер).
– Мило ми е што дојдоа луѓето, но секогаш ќе има бариера меѓу нас и нив и ние сме на погрешна страна од бариерата, рече тој.
Мохамед Лахуаеџ Булел, роден во Тунис, со камион влета во толпата што славеше на познатата променада во Ница. Атентатот траеше неколку минити, а однесе 86 жртви, меѓу кои и многу деца.