„Нови мерки, старо другарство“, театар вечерва на отворено во Кавадарци

Од:

„Нови мерки, старо другарство“, е насловена театарската претстава наменета за најмладите, а која вечерва на отворено ќе се одигра во кавадаречкиот градски парк „Љупчо Шкартов“.

Ова е всушност прв настан на Културно социјален простор ПОДИУМ-ЈАДРО Кавадарци. Уметницата Симона Манчева, претставник на организаторот, за МИА појасни дека во претставата четворицата другари, Денис, Ема, Нина и Тоше, се соочуваат со новите правила на друштвените игри.

-Вонредната состојба донесе и вонредни правила во игрите на улица. Дали новите правила ќе направат промени во нивното друштво или се’ ќе остане по старо? Дали ќе можат да ги променат старите навики за да се прилагодат на новото време? Прилагодувањата се тешки, но овие четворица другари мора да најдат начин да си играат по новите правила, нагласува Манчева.

Претставата е наменета за деца и млади на возраст од пет до 16 години.

Настанот е дел од проектот „Учествуваме, застапуваме, менуваме – демократизација и децентрализација на јавните простори и јавните добра, преку нов модел на институција на јавно-цивилно партнерство 0.2“, на ЈАДРО – Асоцијација на независната културна сцена, поддржан од Министерството за култура на Република Северна Македонија.

КСП ПОДИУМ–ЈАДРО од Кавадарци е формиран во декември 2019 година. Манчева појасни дека тоа е хибридна установа од областа на културата, основана преку јавно-цивилно партнерство помеѓу Општина Кавадарци и ЈАДРО – Асоцијација на независна културна сцена. Се работи за втора установа од ваков вид во државата, после КЦП Центар–Јадро од Скопје, основана во соработка со Општина Центар.

-Овој нов модел, кој е втемелен на партнерство помеѓу локалната власт и еден поширок фронт на граѓанска мрежа, составена од организации, поединци и неформални групи активни во полето на современата култура и уметност, обезбедува суштинска децентрализација на моќта во културата. Новиот модел од јавно-цивилно партнерство на институцијата е од значење за културниот развој, каде со обединување на локалните и националните иницијативи, заедно со организациите и поединците од независната културна сцена, ќе се произведува општествено добро низ дирекна демократија, нагласи Манчева.

Таа додаде дека оваа установа се формираше како резултат од потребата од простор, место каде што слободно ќе се изразува независната културна сцена, независната критичка мисла, преку современите социо-културни практики.

-Подиум во кој ќе се создаваат автономни, само-организирани содржини и јадро, во кое, заедно со граѓаните и пошироката заедница, ќе се случува и развива урбаниот живот. Место во кое ќе се артикулира и разменува нашиот урбан, интелектуален, критички и творечки капитал, рече Манчева.

Би можело да ве интересира

Четворица обвинети за изградбата на театарот и библиотеката во Тетово

Горан Наумовски

Театрите и Филхармонија со зголемен број претстави/концерти и посетители во 2023/2024

А1он

Шест години постоење на „Театар Провокација“

А1он

„Ние, луѓето“-премиера

Битолскиот театар гостува на фестивал во Врање

Во Прилеп се одржа „Прилеп фото фест“