Кошаркарите на Партизан по шести пак го освоија шампионскиот трофеј во регионалната АБА лига. Тие синоќа во финалето го совладаа градскиот ривал Црвена Звезда со 71:63.
Звезда беше подобра во првото полувреме кое го реши во своја корист со 32:25, но во вторите 20 минути, посебно во третиот период Партизан направи голем резултатски пресврт (25:13) што се покажа како клучно за конечна победа.
Бертранс и Вестерман со по 15 поени беа најефикасни кај „црно-белите“ додека во поразениот тим најпрецизен беше Катиќ со 19 поени.
Македонскиот интернационалец Предраг Самарџиски кој настапува за Црвена Звезда одигра само една минута.
Завршниот „Фајнл фор“ турнир се одржа во Лакташи (БиХ), а двата финалисти според пропозициите би требало следната сезона директно да играат во Евролигата, додека Раднички треба да игра квалификации.
Оваа сезона Македонија во тимот на МЗТ Скопје Аеродром за првпат имаше свој претставник во силното натпреварување. Македонскиот шампион го освои седмото место со позитивен биланс од 14 победи и 12 порази.