Од донациите собрани преку донаторската сметка на Министерството за здравство, досега искористени се средства за набавка на монтажни контејнери за потребите на модуларната болница до Клиниката за инфективни болести, покажуваат податоците од Министерството за здравство кои се јавно достапни.
Според овие податоци, како што стои во соопштение испратено до медиумите, завршена е и постапката за набавка на медицинска опрема за потребите на здравствените институции, која се состои од прегледни столови, држачи за инфузија, маси за исхрана, работни маси, паравани, транспортни кревети, колички со полици, опрема за докторски соби, гардеробери и сл.
Предвидено е и Министерството за здравство да набави друга опрема за потребите на одделенијата за интензивна нега во јавните здравствени установи во земјата, како што се аспиратори на вакуум, монитори за инвазивен и неинвазивен притисок, пулсоксиметри, инфузиони пумпи, рендген апарати, РТГ мобилни апарати, ЕХО апарати, ларингоскопски уреди и друга медицинска опрема, како ранци за итна медицинска помош и целосно да се опреми Интернистичкиот пулмолошки центар за потребите на јавната здравствена установа за пулмологија.
Донираните средства од Солидарниот фонд при Генералниот секретаријат на Владата, од друга страна, пак,се користат за уметниците, филмските работници и другите самостојни културни работници и нивните семејства за помош во справување со кризата, како и за помош и поддршка на бизнисите кои се погодени од корона кризата.
Трошењето на средствата од донаторските сметки на Министерството за здравство и на Солидарниот фонд е на увид на јавноста преку веб-страницата koronavirus.gov.mk. Користењето на средствата од овие донаторски сметки, исто така може да се следи и преку веб-страницата „Отворени финансии“, која јавно ги покажува податоците за реализација на трансакциите на сите буџетски корисници на Буџетот на Република Северна Македонија со коишто располага Трезорот.
Отворањето донаторски сметки стана практика во сите земји погодени од корона-кризата, а во земјава досега над 1.200 граѓани и над 130 компании донирале вкупно околу 215 милиони денари.
Сите домашни и странски физички и правни лица кои сакаат да донираат може да уплатат финансиски средства со платежна картичка на solidarnost.gov.mk, и на тој начин да се запишат во листата на донатори. Сите донации кои ќе се уплаќаат преку оваа донаторска платформа се ослободени од банкарски трошоци.