Пред Парламентот во Атина група маскирани лица предизвикаа инциденти напаѓајќи ја полицијата со молотови коктели и разни тврди предмети на протестот против усвојувањето на новиот закон за штрајкови и демонстрации, јавија грчките медиуми.
По нападот, грчките полициски сили одговорија со шок-бомби и солзавец.
Предизвикана е материјална штета на дел од влезовите на хотели во близина на Парламентот, а испишани се и слогани на ѕидовите на блиските објекти. Инцидентите продолжија и низ околните улици, но и покрај големото количество на солзавец, дел од демонстрантите сепак останаа пред Парламентот.
Clashes in Athens during a big demonstration against a government's new law posing restrictions on street protests. #Greece pic.twitter.com/D7DMA2m4en
— Savvas Karmaniolas (@savvaskarma) July 9, 2020
Попладнево на неколку различни локации во центарот на Атина беа организирани повеќе собири од Синдикатот на Комунистичката партија, левичарски и вонпарламентарни организации и партии, левичарско ориентирани студентски движења, членови на СИРИЗА, меѓу кои и поранешни министри и сегашни пратеници. Крајната дестинација на сите собири беше грчкиот Парламент, каде избија инцидентите.
Новиот закон за јавни собири предвидува кривична одговорност за демонстранти кои ќе се појават на ненајавен собир или протест, како и одговорност за организаторите на протестите, доколку тие станат насилни. Планот на владата наиде на критики од законодавно-правната комисија во грчкиот Парламент, како и од Адвокатската комора на Грција и повеќе правни експерти.