Бојан Јовановски – Боки-13 денеска во Јавното обвинителство поднел кривични пријави против повеќе носители на јавни функции, членови на нивните семејства и бизнисмени.
За поднесените пријави, Јовановски информираше преку рачно напишано соопштение, кое денеска пред ОЈО го прочита неговиот адвокат Сашо Дуковски.
Во писмото, Јовановски вели дека поднел кривични пријави против повеќе носители на јавни функции, членови на нивните семејства и бизнисмени за кои, пишува дека треба да одговараат за злоупотреба на службена положба, измама и давање лажен исказ.
Бранителот на Јовановски, адвокат Сашо Дуковски, изјави дека очекува Обвинителството откако ќе биде завршено документирањето на случаите да отвори предмети по поднесените кривични пријави.
– Одговорно ви тврдам дека нема да ме спречат во што и да сакаат да применат и било кои методи на уцени и на закани. Единствено ќе ме спречат доколку ме лишат од живот, односно доколку посегнат по мојот живот, вели Јовановски во писмото.
Бојан Јовановски-Боки 13, е обвинет на девет години затвор со неправосилна пресуда за случајот „Рекет“, каде што е обвинет за „примање награда за противзаконито влијание“ и за „перење пари“, заедно со поранешната СЈО Катица Јанева, која доби затворска казна од седум години за „злоупотреба на службена положба и овластувања“. Против Јовановски и петмина други се води и уште еден предмет за „измама“ и „перење пари“ преку невладината организација „Меѓународен сојуз“, чиј основач е тој.