Меморандум за промоција на соработката на полето на инвестициите и Договор за визна либерализација за носителите на посебните видови патни исправи потпиша македонскиот премиер Никола Груевски во Буенос Аирес со министерот за надворешни работи на Аргентинската Република Хектор Тимерман.
– Тие договори се чекор напред и на некој начин ќе почнат да создаваат еден добар терен за понатамошна соработка, а ние ќе иницираме во иднина да се потпишат и други договори. Овие договори се еден почеток коишто ќе овозможат едно порелаксирано работење помеѓу компаниите од двете држави, изјави премиерот Груевски.
Меморандумот за промоција на соработката на полето на инвестициите претставува платформа за креирање економска основа на соработката, продлабочување на трговската размена и можност за реализација на инвестиции на компании од двете земји. Претставува и ориентир и ја дава рамката за понатамошното надградување на договорната соработка и договорното уредување на односите.
Договорот за визна либерализација за носителите на посебните видови патни исправи претставува исчекор кон заокружување на правната рамка за овозможување безвизен проток на лица од двете земји.
Како што информира владината прес служба, на средбата на премиерот Груевски со министер Тимерман се поздравени меѓусебните односи и е констатирана иницијативноста на двете земји за нивен развој и на економско и на политичко ниво.
Соговорниците ја истакнаа посветеноста на двете земји за продлабочување на економската соработка и реализација на конкретни проекти за унапредување на соработката кои ќе се од заеднички интерес.
Двајцата соговорници разговараа и за повеќе други теми од областа на можностите за соработка на полето на образованието, информатиката и останатите јавни дејности. Разменети се и мислења за меѓународни економски теми, опциите за менаџирање на влијанијата од светските негативни економски движења, и овозможување на понатамошен раст на националните економии.