Европската унија е подготвена да интервенира, ако предизборната кампања во Бугарија стане закана за позицијата на чешката компанија „ЧЕЗ“ на тамошниот енергетски пазар, јави дописникот на МИА од Прага.
Ова ветување го дал претседателот на Европскиот совет (ЕС), Херман Ван Ромпуј, на вчерашната средба со чешкиот претседател Милош Земан во чешката метропола, соопштија од претседателскиот кабинет.
– Ние добивме уверување и би биле задоволни доколку ЕУ ја исполни својата улога на врвен надгледувач на европските стандарди, со оглед на тоа што пртседателот имаше оправдано чувство дека темата се исполитизира и стана дел од бугарскиот предизборен натпревар, додаде претседателскиот советник за надворешна политика Хинек Кмоничек.
Проблемите на Чешката енергетска компанија се појавија по масовните протести на Бугарите против високите сметки за струја, што придонесоа за паѓање на десничарската Влада на премиерот Бојко Борисов.
Бугарските органи најавија дека започнале процес за одземање на лиценцата за работа на чешката дистрибутивна компанија иако од чешка страна беа отфрлени обвинувањата за прекршување на бугарски или европски правни прописи при вршењето на дејноста.