Со изработка на мурал на фасадата на Домот на култура во населбата Ченто во Скопје продолжува програмата на јубилејното, 15-то издание на АКТО фестивалот за современи уметности, во продукција на организацијата Факултет за работи што не се учат (ФР~У). Автор на муралот е младиот уметник Владимир Милиќ, и е во продукција на ФР~У во партнерство со организацијата Културно Ехо, Општина Гази Баба и Град Скопје.
После минатонеделното отварање на 15-тиот АКТО со муралот во Битола на колективот КУРС од Белград, АКТО продолжува со интервенции во други градови низ државата во соработка со локалните заедници и различни партнери.
– Идејата за мурал во Ченто е во правец на соработка и активирање на оваа локална заедница во продукција на културни настани за заедницата, но и во насока на зачувување и ставање во функција на домот на култура во населбата. Муралот пак е развиен како неколкумесечен процес на работа на уметникот Владимир Милиќ од Ченто со пошироката локална заедница и се однесува на потенцирање на важноста на солидарноста особено во овој дел од населбата, информираат организаторите на АКТО.
Иницијативата за овој мурал се однесува на две линии на значења: едното е обновување и повторно ставање во функција на бетонскиот културен дом во Ченто и со тоа реобмислување на модернистичкото незаштитено културно наследство на Скопје, а вториот е потенцирањето на важноста на солидарноста на заедницата за време на поплавите на подрачје на општина Гази Баба кои се случија пред четири години.
– Да не се заборави поплавата која ја зафати нашата општина, елементарна непогода која не бираше нација, вера и политичка определба, а токму во тие моменти се покажа колку можеме да бидеме солидарни и да си помогнеме едни со други. Општина Гази Баба е мултиетничка средина, место каде што сите ние делуваме секојдневно и затоа мораме да ги почитуваме различностите и да си помагаме еден со друг, велат од Општина Гази Баба.
Овој мурал е дел од серијата на мурали кои деновиве се изработуваат во уште пет други градови во земјава и тоа во Штип, Прилеп, Велес, Кочани и Гевгелија, а веќе се заврши муралот во Битола кој за жал беше нагрден со пораки на говор на омраза само неколку часа подоцна . Автори на муралите се: Јана Јакимовска, Миле Ничевски, Ненад Тонкин, Ристо Аврамовски, Филип Јовановски, Владимир Милиќ и Давор Кешкец и се реализираат во соработка со Гласен текстилец, Штип; БОШ Фестивал, Гевгелија; Културно ехо, Скопје; Центар за современи ликовни уметности ЦСЛУ-Прилеп и Јавен Простор – Прилеп; Народен Театар Битола; Дом на Култура Ченто; Општина Гази Баба; Општина Велес, Општина Кочани и Дом на Култура Бели Мугри – Кочани.
Овој зафат, кој се протега на површина од околу 600 метри квадратни и тоа паралелно во седум градови е концепт, кураторство и организација на Филип Јовановски, извршен продуцент е Ненад Тонкин, а во продукцијата се вклучени и Марија Стојанова, Кристијан Караџовски, Денис Ампев, Александар Јовановски и Ивана Васева.
– Иницијативата за исцртување на мурали на јавни простори има за цел на креативен начин да зборува за одредени теми кои покренуваат и мобилизираат не само поединци туку цели групи и заедници кон активирање и работење на заедништвото и заедничкото во градење на едно праведно општество. А токму заедништвото и заедничкото, како и културата на солидарноста, се покажаа како најургентни прашања кон кои треба сите да се фоскурираме во време на пандемијата со корона вирусот. Покрај тоа, оваа програма критички ги адресира, преиспитува и истражува прашањата поврзани со модерното визуелно и архитектонско наследство, нејзината естетика како и нивните последици во денешниот свет. Таа се манифестира преку креативни формати на акција – мурали, произведени преку активен дијалог и соработка помеѓу културните работници и организации во секоја локална заедница поединечно, велат од АКТО.
Во општество, посочуваат од АКТО, каде ксенофобијата, национализмот и дискриминацијата по сите основи е се уште присутна, се поставува прашањето како и на кој начин културата треба да ги активира граѓаните да зборуваат гласно наспроти овие теми? АКТО во време на пандемијата на корона го окупира јавниот простор и адресира пораки кои треба да мобилизираат и еманципираат во насока која ќе пркоси на националистичките и авторитарни тенденции кои сеуште постојат во јавниот дискурс и кои го спречуваат развојот на општеството, ги загрозуваат правата и слободите на граѓаните. АКТО зборува за солидарноста која културата треба да ја иницира и поттикне во локалните заедници со цел создавање на праведно општество. АКТО зборува за важноста на културата и уметноста и за правата на уметницте и културните работници!
Организаторите информираат дека покрај муралите годинешната програма на јубилејното, 15-то издание на АКТО ќе вклучува и други содржини кои ќе се објават дополнително.
Годинава АКТО потсетува на вредностите за кои сите овие изминати години се бори и ги промовира како анти-национализмот, антифашизмот, антидискриминација, почитување на различностите, почитување на соседите, солидарноста, помагањето на послабите, слободата и критичката мисла, против насилството и родовата рамноправност.
За авторите на муралот во Ченто: Владимир Милиќ роден 1985 година во Скопје. Апсолвент на академијата за ликовни уметности ФЛУ во Скопје, смер графика. Работи како дизајнер, илустратор и муралист. Член е на колективот ЕБСФ.
Културнo ехо е меѓународна, невладина и независна организација со седиште во Скопје, Р. Македонија. Здружението се формира по слободна иницијатива на група млади ентузијасти.
АКТО Фестивал за современи уметности – ФР~У започна да го организира фестивалот АКТО во 2006 година во Битола, по што АКТО се разви во отпорна, силна и контекстуална платформа за промоција и креирање на интердисциплинарни критички програми и концепти. АКТО е фестивал на современи уметности кој се обидува да ги отвори не само темите кои се важни за моменталната социјално- политичка и уметничка реалност, туку и да стимулира формати на продукција кои ќе ја ‘размрдаат’ состојбата на status quo. Фестивалот се одржува секој август, во Битола, и претставува паралелен настан со субвертирачка и еманципирачка мисија кон настаните кои се организирани од страна на локалните општини и културните институции.
Во 2016 и 2017 година, поради разгорените локални проблеми и потреби, АКТО се ребрендираше во ПОП АП АКТО, привремен концепт за креирање на фестивалот во другите градови во Македонија. Покрај Битола, АКТО досега се организирал во Скопје, Тетово, Штип и Кочани.