На првиот ден од отворањето на сите грчки аеродроми, закажани се 235 меѓународни летови со туристи кои ќе пристигнат од Германија, Швајцарија, Полска, Литванија, Србија, Чешка, Романија, Франција, Данска и други европски земји, а најголемиот број од нив, вкупно 70, ќе слетаат во два града на островот Крит.
Според истите информации, денеска, освен во Солун и Атина, планирани се меѓународни летови кон Родос, Санторини, Миконос, Скиатос, Парос, Самос, Крф, Кефалониа и други.
Патниците од првите летови по над три месеци пауза, на дел од аеродромите на островите беа пречекани со водени топови, музика и локални специјалитети.
На аеродромите, согласно селекцијата направена со баркодовите на секој патник, ќе се прават и наменски тестови за Ковид-19, а како што пишува АНА-МПА, во градот Ираклио на Крит, дневно ќе се тестираат 825 лица, во Хања на истиот остров 275, а на Родос дневно ќе се земаат 605 примероци за анализи.
Освен аеродромите, отворени се и пристаништата во Патра и Игуменица, а утре се очекува во Патра да пристигнат над 1.000 патници со седум бродови од Италија.