Група луѓе од македонска националност денеска се собра пред Општина Кичево за да го искажат својот револт за отказите што минатата недела ги додели градоначалникот Фатмир Дехари.
– Пожарникарското претпријатие има потреба за кадар и вработени затоа јас сметам дека овој гест, отказот од работа, не беше прав гест. На почеток бевме примени пет лица од кои само ние четири Македонци добивме отказ. Кога побаравме одговор од градоначалникот, добивме одговор дека општината нема доволно средства, што според нас не е вистина, бидејќи ние сме на работните места на оние што веќе се во пензија. Ние не сме примени политички, туку сме обучени професионално. Според бројот на граѓаните, Кичево има потреба од 30 до 38 пожарникари, а моментално на работа се само 15 пожарникари – рече Тони Спировски, еден од пожарникарите што добија отказ.
– Моментално јас и мојата фамилија сме во тешка економска состојба и сега и самите не знаеме што ќе биде со нас. Сите сме женети и имаме деца и никој од нив не прима други материјални средства – рече Дејан Димитриовски, друг пожарникар што доби отказ.
Во текот на минатата недела градоначалникот Дехари призна дека има дадено отказ на, според него, политички манипулирани вработени. Тој исто така тврди дека отказите не се етнички мотивирани.
– За жал, македонските медиуми имаат тендеција да прават пресија врз Општина Кичево. Тие треба проблемот да го барат на друго место. Општина Кичево е во тешка финанциска состојба, со големи долгови, кои ќе ги објавам во наредните денови, и сега имаме преголем број вработени што дојдоа од претходните општини. Не се работи за отказ на вработени со редовен однос, туку за 10-15 лица што беа политички манипулирани од претходниот градоначалник во предизборниот период, кој примил работници со договор за одреден период. Значи се работи за вработувања извршени во јануари – февруари и за политички манипулирани лица – рече Дехари пред една недела на прес-конференција.
Излезеноста на протест беше мала и тој траеше околу половина час.
Фатљуме Дервиши