Владимир Путин ги повика граѓаните на Русија да гласаат на референдум за измените во Уставот со кои би му се овозможило повторно да се кандидира за претседател на крајот на овој мандат и на тој начин да остане на власт уште два мандати од по шест години, односно најдоцна до 2036 година. Според сегашниот устав, Путин треба да се повлече од функцијата во 2024 година.
Новите уставни измени предвидуваат ефективна забрана за геј-браковите, со воведување на дефиниција на бракот како заедница на маж и жена, како и воведување прокламација на „вербата во Бог“ на Руските граѓани.
Според Путин, со гласање на уставните измени, граѓаните ќе ги зајакнат традиционалните вредности и принципи како највисоки уставни гаранции во земјата.
Од 25 јуни до 1 јули во Русија се одржува референдум за уставни измени, а причина за неколкудневното гласање е обид да се спречат групирања на избирачките места поради пандемијата.
Според анкетите, околу 76 проценти од анкетираните Руси рекле дека ги поддржуваат измените што ги предложи рускиот претседател, додека 23,6 проценти се против. Анкетата е спроведена од 25 до 28 јуни.