Против првиот човек на издавачката куќа „Мондадори“ Ернесто Маури, која го издава списанието „Клоусер“ како и против фотографката Валери Суо, од францускиот весник „Ла Прованс“ е покрената формална истрга во Франција, во врска со објавувањето на топлес фотографиите на Кетрин Мидлтон, војводката од Кембриџ.
Фотографиите, кои во септември минатата година се појавија, прво на страниците на француското издание на неделникот за животот на познатите и славните јавни личности „Клоусер“, а потоа уште во неколку европски земји, предизвикаа гневна реакција на британското кралско семејство, а посебно на принцот Вилијам и неговата сопруга, кои покренаа приватна судска постапка против „виновниците“ за, како што велат нивните адвокати, повреда на нивната приватност.
Лондонските медиуми не објавуваат кога е покрената формалната истрага против Маури и Суо, но претставник на „Мондадори“ италијанска издавачка компанија во сопственост на Силвио Берлускони, изјави дека не знае ништо за постапката против претседателот на компанијата.
Фотографката Суо признава дека направила фотографии како Мидлтон се сонча на терасата на една вила во Прованса, но демантира дека ги направила и топлес снимките на младата војводка, кои и го предизвика најмногугневот на британското кралско семејство.
Претставник на весникот „Ла Прованс“ изјави дека редакцијата стои целосно зад Валери Суо, бранејќи го нејзиниот прфесионализам. Еден париски суд, по истрагата што ја спроведе полицијата минатиот есен, против „Клоусер“ музабрани на неделникот повторно да ги објави „спорните“ фотографии, а нареди да ги предаде оригналите со топлес снимките на Мидлтон и да плати казна од 10 илјади евра.
Овој неделник одбива да открие кој ги направил снимките во топлес, што е дозволено со француските закони, но принцот Вилијам и неговата сопруга не се задоволни од ваквиот расплет, па покренаа приватна постапка за целиот случај. Весниците во Лондон веруваат дека нивната намера е да се блокира секоја можна идна повреда на нивната приватност, што се совпаѓа со времето кога тие го очекуваат раѓањето на нивното прво дете.