Со предавањето на Алфредо Саад Фиљо завршува првиот дел на КРИК – фестивал за критичка кулура

Од:

Првиот дел од програмата на годинешното јубилејно издание на КРИК – фестивал за критичка култура завршува утре (вторник, 30 јуни) со предавање на Алфредо Саад Фиљо, професор по политичка економија на Универзитетот СОАС (SOAS) во Лондон. Предавањето е насловено: „Трите кризи на глобалниот неолиберализам – економијата, демократијата и здравството“.

Предавањето ќе се одржи на англиски јазик, онлајн во живо на фејсбук-страницата на КРИК https://www.facebook.com/KRIKfestival/ со почеток од 20 часот и ќе биде проследено со разговор кој ќе го модерира Бранимир Јовановиќ.

КРИК – фестивалот за критичка култура ќе продолжи во август со објавувавње на две книги: „Овој живот – секуларна вера и духовна слобода“ од Мартин Хеглунд и „Трчање во место“ од Рената Салецл, во соработка помеѓу Контрапункт и издавачка куќа „Темплум“.

Во своето предавање Фиљо ќе ги разгледа трите фази на глобалниот неолиберализам, поделени во периодот од средината на 1990 година и Големата финансиска криза (ГФК) до денес. „Главната цел на првата фаза беше агресивната промоција и интернационализацијата на приватниот капитал. Втората („зрелата“) фаза го интензивираше финансирањето на општествената репродукција, ја институционализираше ограничената демократија како нејзина доминантна политичка форма и го легитимираше системот на акумулација преку неолибералниот субјективитет. Третата фаза го опфати управувањето со последиците од ГФЦ преку „фискалното штедење“, кое неминовно подразбира засилување на репресијата и нови форми на исклученост, затскриени под превезот на десничарските популистички тропи. Како дел од овој процес, беа поставени авторитарни влади во неколку земји, предводени од „спектакуларни“ водачи. Нивниот пораст беше резултат на исцрпувањето на (минатите) неолиберални, технократски и исклучувачки демократии“, вели професорот Фиљо.

Овој процес тој го анализира во светло на појавата на Ковид-19, предизвиците и можностите што произлегуваат од оваа ситуација: „Оваа дегенерирачка политичка динамика беше совладана од пандемијата на Ковид-19, предизвикувајќи длабока економска криза во историјата на капитализмот. Неколку влади веќе објавија мерки за воведување на ново долгорочно штедење, што е можно поскоро, потпирајќи се на засилениот притисок за обезбедување политичка стабилност. Ова е неподносливо од две причини. Прво, засиленото штедење ќе ја поткопа (она што останало од) демократијата, а со тоа ќе биде поткопана и легитимноста на овие влади; второ, штедењето ќе наштети несразмерно на базата на тие авторитарни администрации. Ова укажува на можност за долг период на кризна политика со непредвидливи импликации“.

Алфредо Саад Фиљо е професор по политичка економија на Универзитетот СОАС (SOAS) во Лондон и раководител на докторската школа на СОАС (SOAS). Тој бил постар соработник за економски прашања на конференцијата на Обединетите нации за трговија и развој (UNCTAD) во периодот помеѓу 2011-2012 година. Носител е на следните награди: Медал за животно достигнување на Сојузниот универзитет во Гојаш (Goiás), Бразил, како и на престижната награда за угледни наставници на СОАС (SOAS). Предавал на повеќе универзитети и истражувачки институции во Бразил, Канада, Италија, Јапонија, Мозамбик, Швајцарија и Велика Британија. Неговите публикации вклучуваат 9 книги, 70 списанија, 50 поглавја и 30 извештаи за ООН и други меѓународни организации. Неговите истражувања се објавени во дваесетина земји, преведени на 15 јазици и презентирани на над 200 академски настани во 30 земји.

КРИК – фестивал за критичка култура е платформа која се застапува за афирмација на уметничките и културните практики, нивните критички капацитети и нивната применливост во анимирање и критичкото мобилизирање општествените процеси. Програмите на КРИК се креирани за да поттикнат во јавната сфера критичка дебата преку која би се промовирал социо-културниот капитал како јадро кое е длабоко поврзано со најрелевантните политички и општествени теми. КРИК има цел да застане во одбрана на правото на критичка култура, која постојано ќе ги поместува границите на еманципаторските политики во социо-културниот простор. КРИК е платформа низ која ќе се истражуваат и изучуваат можностите на проникнување помеѓу естетското и политичкото, помеѓу уметничките практики и нивното влијание врз пошироката демократизација на општеството, помеѓу граѓанските заедници и медиумските облици на борба.

КРИК – фестивал за критичка култура има цел да ги промовира уметничките и културните практики како општествено релевантни алатки кои ќе придонесат за еманципација и демократизација на социо-културниот контекст.

Би можело да ве интересира

КРИК – фестивал за критичка култура

Со промоција на книгата „Субјект(ивна) политика“ од Артан Садику завршува седмото издание на КРИК – фестивал за критичка култура

Ана Ололовска

Седмото издание на КРИК фестивал продолжува со перформансот „Обука за реанимација“

Ана Ололовска

Изложба „Сенките на занаетите“ од турскиот уметник Билал Јилмаз утре на програмата на фестивалот КРИК

Ана Ололовска

Поетско читање вечерва на фестивалот КРИК, вчера покрај трпеза познати уметници и писатели говореа за демокртијата

Ана Ололовска

„Гозба или за љубовта” на КРИК 07 – уметници и писатели ќе говорат за демократијата, уметноста, љубовта, пријателството и убавото

Ана Ололовска