Пијанистот Жан-Ефлам Бавузе на концертот „Виртуози“ на Филхармонија

Од:

Врвниот француски пијанист Жан-Ефлам Бавузе ќе настапи вечер со Македонската филхармонија на последниот концерт од циклусот „Виртуози“, на кој ќе го изведе Концертот број 2 за пијано и оркестар од Сергеј Прокофјев.

Диригентот Емил Табаков од Бугарија ќе го предводи оркестарот во уште едно ремек-дело на светската музичка литература – Свитата број 2 од балетот „Ромео и Јулија“ од Сергеј Прокофјев.

Жан-Ефлам Бавузе е меѓу најбараните пијанисти на денешницата, прогласен за уметник на годината во 2012 година и добитник на бројни награди и признанија за аудиозаписите со дела од Дебиси, Равел, Хајдн и Барток. Музичката критика го оценува како „интелигентен пијанист, кој сака да истражува“, додека неговите интерпретации се одликуваат со „бројни нијанси и техничка прецизност“.

Како поранешен студент на Пјер Санкан на Парискиот конзерваториум, Жан-Ефлам Бавузе во 1995 година е поканет од сер Џорџ Шолти да дебитира со Оркестарот на Париз и се смета за последното откритие на маестрото.

Бавузе е еден од најангажираните пијанисти на својата генерација и редовно настапува со диригенти како: Пјер Булез, Валери Гергиев, Нееме Јарви, Инго Мецмахер, Ендрју Дејвис, Кшиштоф Урбански и многу други. Редовно настапува во центарот Саутбенк, Вигмор хол, на фестивалот „Ла рок д’Антерон“, Концертгебау во Амстердам, концертната сала „Забранет град“ во Пекинг каде што неодамна му е доделена награда за најдобар инструментален рецитал за изведбата на циклусот на Бетовеновите „Сонати за пијано“.

Ексклузивец на издавачката куќа „Чандос“, Жан-Ефлам Бавузе е добитник на наградата „Грамофон“ во 2011 година, за аудиозаписите на дела од Дебиси и од Равел (со Симфонискиот оркестар на Би-Би-Си и Јан Паскал Тортелје), а компакт-дискот со концертите за пијано на Барток (со Филхармонијата на Би-Би-Си и Џанандреа Носеда) е номиниран во соодветната категорија. Бавузе е уметнички директор на пијанистичкиот фестивал „Лофотен“ во Норвешка.

Концертот на Бавузе со Македонската филхармонија се реализира во соработка со Францускиот институт во Скопје.

Би можело да ве интересира

Директорката на Филхармонија е разрешена затоа што несовесно ракува со државна институција и со државни пари, вели министерката за култура

Горан Наумовски

Вработените во Филхармонија протестираа пред Владата

„Животот е убав“ – концерт на Филхармонијата во Градскиот парк

Ана Ололовска

Оркестарот на Филхармонија на 7. Меѓународен фестивал „Музички Едикт“ во Ниш

Ана Ололовска

Оркестарот на Филхармонија гостува во Ниш

Ана Ололовска

Нов протест на филхармоничарите пред Министерството за култура

Ана Ололовска