Борусија Дортмунд и Реал Мадрид, вечерва го одиграат својот прв полуфинален натпревар во Лигата на шампиони.
Тие оваа сезона веќе одиграа два натпревара, во фазата по групи Борусија победи на домашен терен со 2:1, а во Мадрид беше 2:2.
Дуелот во Дортмунд ќе биде пресметка на екипи кои ја имаат освојувано Лигата на шампиони – Реал е најтрофејниот клуб во ова натпреварување со девет титули, додека Борусија еднаш го има освоено трофејот, во 1997 година.
Борусија и Реал во сезоната 1997/1998 играа исто така во полуфиналето, а пласман во финалето избори Реал, кој подоцна во финалето го победи Јувентус и ја освои титулата.
Жозе Мурињо тренерот на Реал очекува двата тима да одиграат напаѓачки, додека Клоп е повеќе загрижен од објавувањето на веста дека Марио Геце следната сезона ќе игра во Баерн.
Тренерот на Борусија на навивачите им порача негативните емоции поради трансферот на Геце да ги остават дома, а на стадионот да направат атмосфера која ќе помогне неговите играчи да го победат Реал. Натпреварот во Дортмунд ќе започне во стандардниот термин од 20:45 часот.