Полскиот претседател Анджеј Дуда, по неговата посета на Соединетите Американски Држави и разговорите со американскиот претседател Доналд Трамп, денеска категорично негираше дека има планови за распоредување американско нуклеарно оружје покрај дополнителните американски трупи во Полска.
„Нуклеарното оружје не беше тема на разговор со претседателот Трамп. Никогаш не разговарав за тоа со претседателот,“ рече Дуда како одговор на прашањата на Фејсбук за вчерашната посета на Белата куќа и разговорите со американскиот претседател.
Од посетата на Дуда на Белата куќа, во Полска се очекуваше дека американскиот претседател може да потврди дека дел од приближно 9.000 американски војници што Доналд Трамп би сакал да ги повлече од Германија, ќе бидат распоредени во Полска, со очекуваните 1.000 војници за кои Вашингтон и Варшава се договорија порано и да прецизира на колку дополнителни американски војници Полска може да се надева.
„За време на посетите нема секогаш нешто конкретно. Неколку пати имаше, потпишавме разни договори, но прво тие треба да се најават, потоа да се преговара. Доналд Трамп и јас сме навикнати да потпишуваме договори, но овојпат немаше,“ рече Дуда синоќа во интервју за полската приватна телевизија ТВН24.
Полскиот претседател рече дека се консултирал со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг за планот за повлекување американски војници од Германија и пренесување на дел од тие трупи во Полска, што наиде на критики не само од Русија, туку и од сојузниците на НАТО.
„Ние се согласивме дека треба да се стори се за да се задржат овие војници во Европа. Затоа, му реков на Трамп: Претседателе, имаме барање овие војници да останат во Европа затоа што тие ја градат архитектурата на европската безбедност и нивното присуство е важно. Но, ако сакате да ги преместите некаде, јас можам да понудам како Полјак, ве покануваме да пренесете дел во Полска и ќе ги примиме на нашата територија“, рече Дуда.