Германската канцеларка Ангела Меркел ги осуди немирите што се случија изминатиот викенд во Штутгарт, по полициска контрола во рамки на истрага за трговија со дрога.
Портпаролот на Меркел, Штефан Зајберт, денеска рече дека „тие грди сцени мора наостро да бидат осудени и оние кои учествувале во насилство, брутално напаѓале полициски службеници, уништуваа и ограбуваа продавници на ниту еден начин не можат да бидат оправдани“.
Властите информираа дека по нередите во кои беа повредени 18 полицајци, уапсени се 24 лица.
Нередите почнаа откако полициски службеници запреле 17-годишно момче поради сомнение дека поседува дрога, на едно место на кое се собираат младите, соопшти полицијата. Потоа присутните почнале да фрлаат со камења и шишиња, а помали групи трчале по улиците и кршеле излози на продавници.
„Ситуацијата беше целосно надвор од контрола,“ рече вчера портпаролот на полицијата.
Учесниците во немирите ги гаѓале полицајците со камењата со кои се поплочени улиците и разбивале излози во центарот на градот. Неколку групи излегоа на улиците на центарот на градот и насилството избувна околу полноќ, а полицијата објави дека во немирите биле вклучени неколку стотици лица.
Германскиот министер за внатрешни работи Хорст Зехофер денес го посети Штутгарт и местото на кое се случија нередите.