Кинеските истражувачи ја започнаа втората фаза од тестирање можна вакцина против коронавирус врз луѓе, објави денеска Институтот за медицинска биологија на Кинеската академија за медицински науки.
Во втората фаза, според најавата на Институтот, ќе се утврди дозата на вакцината, а ќе продолжи и проценката дали вакцината може безбедно да го натера на одговор имунолошкиот систем кај здраво лице.
Вакцината што ја тестира Институтот за медицинска биологија е една од шесте можни вакцини што ги тестираат кинеските научници врз луѓето.
Околу 200 луѓе учествуваа во претходната фаза на тестирање, што почна во мај.
Повеќе од 10 вакцини се во различни фази на тестирање врз луѓе ширум светот во време кога Светската здравствена организација предупредува дека пандемијата забрзува и дека светот сега е во „нова и опасна фаза“.
Ниту една од овие вакцини, сепак, не ги поминалa клиничките испитувања во последната, третата фаза, што е неопходно за тие да бидат одобрени за продажба.